ВМРО на Каракачанов го нападна Илхан Ќучук дека ја торпедира позицијата на Бугарија кон Македонија


ВМРО ќе понуди усвојување „повелба за Македонија“ од сите партии за да се знае кој ги бранел бугарските интереси, а кој работел како петта колона

 

ВМРО на Красимир Каракачанов ќе иницира уште еден заеднички договор на бугарските партии во однос на Македонија. Нејзиниот пратеник, Милен Михов, денеска во бугарското собрание изјави дека ВМРО ќе им понуди на сите политички партии „повелба за Македонија со цел да се постигне национален договор“.

Според Михов, со тоа бугарските граѓани ќе знаеле кој ги „брани националните интереси и кој дејствува како петта колона на странски држави“, јави БТА.

Непосреден повод за оваа реакција на ВМРО беше посетата на извесувачот на Европскиот парламент за Македонија, Илхан Ќучук, на Скопје, неговите средби со македонските функционери и изјавата дека билатералните проблеми треба да се решат во билатерален формат и дека историските прашања треба да се решаваат од компетентни историчари, но политичарите се одговорни да носат политички одлуки, а не да ги кријат под ќилим.

„Што значи за него кога вели дека билатералните прашања мора да се решат врз билатерална основа“, рече Михов.

Тој праша дали тоа значи дека партијата од којашто доаѓа Ќучук, ДПС, се откажува од декларацијата на собранието за односите со Македонија и проширувањето на ЕУ. „Изјавата на европскиот претставник на МРФ практично го торпедира единството на бугарската позиција и е диктирана од странски интереси“, рече претставникот на ВМРО. Тој уште спомена дека посегнувајќи кон „македонското прашање“, ДПС влегувала во длабоки води.