ВМРО-ДПМНЕ знае само да блокира, му порача Ковачевски на Мицкоски

Премиерот вели дека општеството се поделило околу Украина – парламентарното мнозинство ја осуди руската инвазија, а има коалиција која го поддржува Путин


Димитар Ковачевски (Фото: Б. Грданоски)

 

Премиерот Димитар Ковачевски остро ги отфрли најавите за блокада на Собранието од страна на ВМРО-ДПМНЕ и го обвини Христијан Мицкоски дека мисли само на својот личен рејтинг. Гостувајќи во емисијата „Клик плус“ на ТВ21, Ковачевски го оцени однесувањето на Мицкоски како неодговорно и дека претставува мобинг врз пратениците, кои се избрани од граѓаните, а не од партијата.

„Тој активен бојкот, како што го нарекуваат, нема да нанесе штета на Владата или на Собранието, туку ќе нанесе штета на граѓаните. Треба да се носат брзи решенија за справување со кризата, а не да се блокира и бојкотира“ рече Ковачевски.

Тој оцени дека во вакви кризни времиња лидери биле луѓе што решаваат прашања за идните генерации, а не тие што мислат само на личниот рејтинг

„Не е лидер тој што мисли само на личниот рејтинг и кога ќе бидат наредните избори“, рече Ковачевски  и нагласи дека тоа што го прави Мицкоски е „најнеодговорното нешто што може некој да го направи во време на најголемата економска, енергетска, здравствена и воена криза во Европа по Втората светска војна“.

„Во услови кога растат цените на енергенсите, кога растат цените на храната и во услови кога во Европа сите политички субјекти се обединуваат за да најдат начини за задржување на животниот стандард, Мицкоски продолжува со блокади“ рече Ковачевски.

Според него, ова не е прва блокада од ВМРО-ДПМНЕ. „Граѓаните мора да знаат дека во изминатите две години во Собранието се блокирани неколку десетици закони, клучни за различни области од животот на граѓаните – законот за Армијата, законот за наставници и стручни соработници, законот за клинички центар и низа закони за проекти од Светска банка“, рече Ковачевски и оцени дека и во време на најтешките мигови со корона кризата ВМРО-ДПМНЕ ја одолговлекувало процедурата.

„Тоа што го правеа тогаш, ќе го гледаме и сега. Но и тогаш и сега, Владата и парламентарното мнозинство ќе најдат демократски начин за тоа што е најсуштинско за граѓаните да биде изгласано“, рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека Владата покажувала високо ниво на подготвеност за разговори и инклузивност во носењето на одлуки и дека при сите поголеми реформи се дискутира со засегнатите страни, а ВМРО-ДПМНЕ ги одбивале поканите.

Ковачевски ги повтори неговите ставови дека отворањето на клубот во Битола со името на Ванчо Михајлов било провокација од страна на бугарската делегација, затоа што називот го носи името на човекот „кој е дел од темната страна на македонската историја“.

Дека работите во односите со Бугарија се прилично заладени по големата еуфорија по најавата за новиот формат со работни групи е и фактот што го кажа Ковачевски: тој се сретнал со бугарскиот премиер Кирил Петков на свеченоста во грчкиот град Александопулис при отворањето на гасниот терминал, но немале билатерална средба.

Ковачевски оцени дека македонското општество се поделило околу руската агресија врз Украина. „Парламентарното мнозинство е стабилно, има јасна прозападна ориентација, едногласно го поддржа усогласувањето на нашата надорешна политика со таа на ЕУ, го осуди нападот на Русиаја. Од другата страна има коалиција која заговара активна соработка со Путин и Русија и којашто Зеленски го смета за непријател. Тоа е основната разлика во стратешката ориентација на двете коалиции. На владината прозападна коалиција која е ориентирана кон заштита на стандардот на граѓаните и другата ретроградна коалиција, која неодговорно се грижи само за своите политички поени во време на најголемите кризи“, рече Ковачевски. (Н.В.)