ВМРО-ДПМНЕ за бомбата во Бардовци: Не е фрлена во домот на полицаецот, туку кај татко му

Според СДСМ, полицаецот за кого е фрлена бомба бил собирач на провизии и мито директно поврзан со кумот на премиерот


ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагира на прес-конференцијата на генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, во врска со инцидентот со експлозивна направа во Бардовци.

Од владејачката партија велат дека СДСМ изнел неточни тврдења и шпекулации, посочувајќи дека Министерството за внатрешни работи веќе го објавило инцидентот во својот билтен.

„Прво, МВР има информирано за инцидентот во својот билтен. Ете доказ на фотографијата“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму реагираат и на тврдењето дека експлозивната направа била фрлена во домот на полицискиот службеник, посочувајќи дека станувало збор за домот на неговиот татко.

„Второ, не е точно дека е фрлена бомба во домот на полицаецот, туку во домот на неговиот татко“, стои во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ дополнително обвинуваат дека СДСМ не презентирал докази за наводите што ги изнел на прес-конференцијата, туку, како што велат, станува збор за шпекулации.

„Трето, СДС нема докази, само шарена приказна и шпекулации“, наведуваат од партијата.

Реакцијата следува откако СДСМ побара од Обвинителството да ги провери наводите за можната поврзаност на инцидентот со наводни провизии и тендери. Според СДСМ, бомба пред два дена била  фрлена во домот на Милко Бошковски, вработен во МВР во отсекот за организиран криминал.  Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ,  рече дека според информациите кои ги имаат, Бошковски е директно поврзан со кумот на премиерот Христијан Мицкоски, негов личен пријател и близок соработник. Причината за фрлената бомба кон домот на Милко Бошковски во Бардовци, според информациите од свиркачите, вели Димитријевиќ, е нереализиран бизнис договор со провизии.

„Јавно го повикуваме Јавното обвинителство да отвори истрага, да ги провери овие наводи и основани сомнежи и да одговори: Дали е во прашање провизија – мито од 300.000 евра за бизниси и тендери? Каде требало да завршат 300.000 евра? Дали има некаква врска со тендери во РЕК и со градежно атрактивно земјиште во Скопје?“, рече генсекот на СДСМ на денешната прес-конференција.

Опозиционерите прашуваат и дали е точно дека Бошковски и претходно бил пријавуван во Јавното обвинителство за барање мито од 200.000 евра од поранешен градоначалник.

„Вака изгледа кога организирана криминална група владее со државата. Ова не е обичен безбедносен инцидент. Прашањето е зошто се крие од јавноста овој настан? Каде е Панче Тошковски да каже зошто кај вработени во МВР и поврзани со кумот на премиерот Мицкоски се фрлаат бомби?“, додаде Димитријевиќ.