ВМРО-ДПМНЕ врши притисок врз слободата на говорот

Хајката против новинарот Сашо Орданоски за неговите ставови околу првиот месец на владеењето на Доналд Трам ја помина границата и тоа веќе претставува закана за слободата на изразувањето


Фото: Б. Грданоски

 

Веќе четири дена владејачката ВМРО-ДПМНЕ води невидена хајка против новинарот и политички аналитичар Сашо Орданоски поради неговите искажани ставови за првиот месец од владеењето на американскиот претседател Доналд Трамп. Ваквите напади веќе ја поминуваат границата и претставуваат закана за слободата на изразувањето и предупредување за секој што мисли поинаку од Владата за Трамп да се соочи со можни последици.

Можеби 20, можеби 30 или 60 отсто се согласуваат со со ставовите на Орданоски за големата вознемиреност во светот за првите одлуки на Трамп и неговото „нормализирање“ на Владимир Путин. Но тоа не смее да биде никаква причина ВМРО-ДПМНЕ да поведе лов на вештерки против одредени новинари.

Со ништо недокажаните обвинувања за наводна поврзаност на Орданоски со СДСМ е камуфлажа за основната намера – да се потисне слободата на говорот и изразувањето. Во Америка може претседателот Трамп во саботата на говорот на конзервативната конференција да го нарече неговиот претходник „лудиот, расипаниот Џо Бајден“, или за сенаторката Елизабета Ворен да каже – „таа е луда“, но овде за жителот на Белата куќа не смее да се спомне ниту еден лош збор. Дури и од новинари кои ја анализираат неговата политика на почетокот на вториот мандат.

Во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ партијата се претставува како единствен „пријател“ на Трамп, а Сашо Орданоски го нарекува „мегафон на СДСМ“.

Во соопштението, меѓу другото, се вели:

„СДС и Венко Филипче немаат намера да се оградат и да ги осудат ставовите, навредите, како и од говорот на омраза упатени кон македонскиот стратешки партнер, САД и претседателот Доналд Трамп. Со тоа СДС и Венко Филипче само даваат сигнали дека тие се согласуваат со ваквите ставови и навреди на нивниот мегафон и гласноговорник, Сашо Орданоски“.

Дополнително, партијата неправедно имплицира дека медиумите работат по политички насоки. Па, неспоменувајќи го директно Канал 5, ВМРО-ДПМНЕ поставува прашање дали Орданоски по „нивна (на СДСМ) препорака, да не речеме наредба, бил пратен на национална телевизија да упатува навреди и говор на омраза?“

Канал 5 е независен медиум. Во емисиите „Само интервју“ гостуваат и политичари и други истакнати луѓе од општеството и оваа програма има силно реноме во јавноста. Непримерно е една партија да кажува дека некој од некого бил испраќан во „Само интервју“ и со тоа да ја поткопува независноста на уредништвото на телевизијата. Не само што е непримерно, туку е и недозволиво.

ВМРО-ДПМНЕ понатаму во соопштението додава:

„Дали СДС и Венко Филипче во недостиг на идеи за политичко дејствување и нудење политики за добробит на државата и граѓаните, и соочени со фактот за вртоглавиот пад на нивниот рејтинг, преку нивните перјаници и сиви еминенции, како што е Сашо Орданоски, промовираат и шират тези што тие јавно не можат да ги зборуваат? Со ваквите потези СДС покажуваат де се спаднати на нивото на нивниот коалициски партнер Левица и се пуштија во лов, кој од нив ќе придобие повеќе опозициски гласови со анти-САД и анти-Трамп реторика.

И птиците на гранките знаат дека Сашо Орданоски е човек на СДС и близок советник на Филипче, нивен гласноговорник, испостава и продолжена рака“.

Можеби за премиерот „новото нормално доаѓа од Вашинтон“ и тој прв застанал во редот да го заземе просторот пред другите, но победникот на вчерашните избори во Германија, Фридрих Мерц од сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, ЦДУ, уште вечерта рече дека неговата главна мисија е да ја спаси Европа од Трамп. „По изјавите на Доналд Трамп минатата недела, јасно е дека Американците, барем овој дел од Американците, оваа администрација, во голема мера се рамнодушни кон судбината на Европа. Мој апсолутен приоритет ќе биде да ја зајакнам Европа, навистина да постигнеме независност од САД“, рече идниот канцелар на Германија.

Овде има друга главна задача што се однесува до Трамп – владејачката партија ќе направи сѐ да ги спречи новинарските критики за новата администрација. Па макар тоа претставувало и обид за ограничување на слободата на говорот.

Пред една недела беше претставено последното истражување на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“ за перцепцијата на јавноста во однос на европската интеграција. Трендот на евроскептицизмот е запрен и граѓаните и натаму ја гледааат иднината во ЕУ. Наспроти тоа, перцепцијата за влијанието на САД во Македонија бележи значителен пад од дури 20 проценти во споредба со лани. Резултатите покажуваат дека ЕУ се гледа како најголем економски партнер, донатор и сојузник на земјава, а расте и перцепцијата на граѓаните дека има значајно влијание како надворешен фактор. Прашани за приоритетите во надворешната политика, граѓаните го ставиле пристапувањето кон ЕУ како прв приоритет којшто би сакале да го видат од Владата.

Ова се важни податоци и владејачката партија и Владата треба да погледнат добро на нив, а не ВМРО-ДПМНЕ да се занимава со одбрана на ликот и делото на Доналд Трамп и во исто време да врши притисок да се ограничи слободата на изразувањето. (Н.В.)