ВМРО-ДПМНЕ во војна со ДУИ. Дали е тоа рециклажа на „старите пресметки“?

Парадоксално, но со евентуален референдум за францускиот предлог Мицкоски ќе го испорача она за што го обвинува Османи - само Албанија да преговара со ЕУ


 

По жестоките меѓусебни обвинувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ изгледа дека двајцата поранешни партнери во власта толку многу се оддалечуваат што нема да биде можна никаква соработка во иднина. Но дали е навистина тоа така и дали резултатите на идните избори ќе го натераат Христијан Мицкоски да ја смени плочата што сега ја врти?

Ако се суди според сегашните изјави на Мицкоски и други луѓе од радикалното крило на ВМРО-ДПМНЕ, кои полека го преземаат наративот во партијата, изгледа дека соработката во иднина е невозможна. Мицкоски дури ја обвини ДУИ дека им направила трајна штета на интересите на Македонците и тоа ќе останело во нивната меморија.

Во синоќешното гостување на Сител Мицкоски ги повтори старите ставови дека министерот за надворешни работи, Бујар Османи, имал главна цел Албанија да ги почне преговорите и дека тоа требало да биде овозможено со потпишувањето на Протоколот меѓу Софија и Скопје.

„Албанија е таа која ќе ги почне преговорите со Европската унија, додека македонските политичари ќе одат само да се сликаат во Брисел на првата меѓувладина конференција“, рече Мицкоски и образложуваше за последиците што можеле да дојдат во односите меѓу Македонците и Албанците.

„Ова ќе има голема меморија. Тие ги предадоа интересите на Македонците, нивните соседи, и направија пакт за асимилација на Македонците. Раководството на ДУИ прави трајна штета. Не е свесен Бујар Османи сега, но животот е осцилација. Не се знае која генерација на Албанци во Македонија ќе има потреба за поддршка од страна на нивните соседи Македонци. Ова ќе остане во колективната меморија на македонскиот народ“.

По усвојувањето на зклучоците околу францускиот предлог во Собранието лидерот на ДУИ, Али Ахмети, веднаш порача дека победила европска Македонија и прогресивните сили во земјата, сместувајќи ги ВМРО-ДПМНЕ и Левица во регресивниот камп.

„Денеска победи соживотот, иднината и надежта. Северна Македонија не е Украина, а Европа не е Русија за да оди на протести лидерот на опозицијата во зелена маичка како лут Зеленски од ‘Али експрес’. И како што беше очекувано, регресивните сили во служба на странските агенди потфрлија и граѓаните не ги поддржаа“, напиша Ахмети.

Оценката дека лидерот е водач на регресивниот камп, го предизвика еден од најгласните протагонисти на радикалното крило во ВМРО-ДПМНЕ, поранешниот офицер Драган Ковачки, да ги споредува квалитетите на Христијан Мицкоски и Али Ахмети, го нарече претседателот на ДУИ „крадец“ и додаде „на Мицкоски не си му ни до колена“. А Артан Груби го оквалификува како чирак.

„Али се труди да биде вицкаст, па уште и дава мислење дека претседателот Мицкоски не бил Зеленски од Украина.

Не знам точно, но ми се чини дека веројатно тој статус му го пишувал чиракот Артан Груби, заедно седнати на масата до орманчето во Зајас каде се гледа дека Али краде струја од ЕВН и додека дели ‘големи’ совети за други… На Фејсбук глумат патриоти, а надвор од него само делат тендери. Абре Али, ти си само крадец. На Мицкоски не си му ни до колена. Тој го води народот, а ти го пљачкаш. Али почна како сталинист, марксист-Ленинист, се преставуваше како Че Гавара, а во суштина е надри пеач од Зајас“, напиша во тирадата против Ахмети Драган Ковачки.

Оваа вербална и епистоларна кореспонденција е дел од подолгото јавно нетрпение меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Мицкоски најмалку три години наназад зборува дека тој ќе ја предводи идната влада (тоа не се случи по изборите во 2020) и верува дека ќе најде магична формула по следните избори да формира кабинет, а во него да не биде ДУИ. „Убеден сум дека албанските опозициски партнери и останатите немнозински етнички заедници минус македонската, ќе успеат да имаат Бадентерово мнозинство и тие ќе бидат дел од новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, рече тој за Сител.

Во овој момент не изгледа јасно како ќе успее да го направи тоа кога Алијансата за Албанците, барем јавно, ја прекина соработката со ВМРО-ДПМНЕ по разрешувањето од страна на градоначалничката Данела Арсовска на еден од директорите во Град Скопје (кадар на АА). Во политиката секогаш се можни пресврти, но прашање е како Мицкоски би ја објаснил таа драматична промена во ставот кон ДУИ. А и ДУИ спрема ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски никако да стигне до премиерското место, кое сега изгледа многу далеку (иако лани во ноември му изгледаше дека е пред него), а доколку остане црвсто врзан со првиот човек на Левица, Димитар Апасиев, неговите политички маневарски можности драматично ќе бидат стеснети.

Освен ако не даде огромен придонес за „албанската кауза“ со референдумот што го најавува за францускиот предлог. И неговата партија да го оствари она за што тој го обвинува Бујар Османи – само Албанија да преговара со ЕУ. Настрана прашањето дали може на референдум да се гласа за она што е веќе одлучено и се почнати преговорите со ЕУ, туку ако во некоја варијанта има референдум и мнозинството да одлучи да се отфрли веќе усвоениот француски предлог тоа ќе биде најголемиот вмровскиот придонес испорачан на тацна – само Албанија натаму да преговара со ЕУ. Циниците тогаш би опишале што би можел да каже Мицкоски – „Го завршив проектот на Османи. Албанија е сама во преговорите. Македонија може да чека и натаму“.

Можеби некои од овие последици му поминувале низ главата на Мицкоски по синоќешната изјава за референдумот (која веднаш здушно ја поддржа Апасиев), па денеска изјави дека ќе се консултирале со експерти, па ќе правеле методологија за евентуално наесен да почнат да собираат потписи.

„Сè уште трае анализата, ова се сериозни работи и ние сме сериозни луѓе кои сакаат кога ќе излеземе пред граѓаните со одредено барање тоа да се темели врз факти и да немаме простор за дополнителни толкувања. Периодот што следи дополнително ќе го искористам да се консултирам со експерти за јасно да го дефинираме прашањето и методологија со која ќе излеземе пред граѓаните“.

На лидерот на ВМРО-ДПМНЕ никогаш не му недостасувал во речникот терминот „сериозни луѓе“ кога сака да го опише раководството на партијата и самиот себеси. Се разбира дека нема сомнеж оти тие се сериозни луѓе. Само прашањето е дали може тие сериозни луѓе да водат „сериозна политика“. Во тој сегмент е и отворената војна со ДУИ. Од неа интегративците сосем сигурно ќе излезат како победници во албанскиот блок (како речиси секогаш досега), а потенцијалните партнери на ВМРО-ДПМНЕ, сегашната албанска опозиција, ќе остане со куси ракави заради политичката битка што ја води на нејзиното поле некој друг, а не таа самата. И тогаш по изборите, при евентуална вмровска победа, да дојде неумоливата разумна оценка од белата палата – бројките се такви, соработката со ДУИ е неизбежна. Ако сака Али Ахмети.