ВМРО-ДПМНЕ: Во скопската Зоолошка градина се шири туберкулоза


ВМРО-ДПМНЕ  тврди дека во скопската Зоолошка градина владее хаос и сериозна закана по здравјето на животните, вработените и посетителите – поради ширење на туберкулоза.

„Животни во ЗОО Скопје постојано угинуваат поради разни болести, а менаџментот и градските власти ги кријат инцидентите од јавноста. Така се доведува во опасност не само здравјето на останатите животни, туку и на луѓето“, велат од партијата.

Според нивните информации, пред еден и пол месец починале три лами поради туберкулоза, а кај уште две е потврдена истата инфекција.

„Пред само три дена почина и младо мајмунче од видот гибон, а патолошкиот наод повторно покажува присуство на туберкулоза“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата оценува дека станува збор за алармантна состојба која бара итна институционална реакција.

„Ова отвора сериозни прашања: колку животни досега загинале од оваа болест, колку се загрозени останатите и дали посетителите и вработените се безбедни? Време е за одговорност и итна реакција“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Засега нема официјално соопштение од скопската Зоолошка градина и Град Скопје за овие наводи на ВМРО-ДПМНЕ.