ВМРО-ДПМНЕ во квази војна со Груевски


ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение ја продолжи „војната“ против поранешниот премиер Никола Груевски, велејќи дека со усвојувањето на измените во Кривичниот законик власта планира да му  даде кривична неказнивост на експремиерот – за тој да се врати и да го обезбеди потребното мнозинство во парламентот за усвојување на уставните измени.

Оваа сапуница со многу инволвирани трае веќе неколку денови, а целта е по се изгледа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да застанат зад уставните измени, а Мицкоски сепак да остане „чист“, односно одговорноста за тоа да оди кај Никола Груевски и „неговите“, додека од амнестијата ќе профитираат сите заедно. Со ова политичко препукување околу тој кој барал и кој ветувал или не амнестија практично сите партии се ослободуваат од одговорноста, исто така, за внесувањето на неказнивоста во големиот пазар за евроинтеграцијата.

„Ова е надежта од каде што власта го влече оптимизмот кога вели дека се можни уставни измени. Јасно е дека ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ нема никаква врска со амнестијата што помина во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ ги осудува овие заткулисни игри, кои имаат цел за спас на оние кои направиле криминал, на штета на народот. Уставни измени нема да има“, наведуваат од опозициската партија во писменото соопштение. Со измените во Кривичниот законик, додаваат оттаму, одредени структури имаат за цел да направат раздор во опозицијата.

Соопштението на ВМРО-ДПМНЕ следува откако партискиот лидер Христијан Мицкоски во интервју за германски „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) го обвини својот претходник Никола Груевски дека е во тајна комуникација со Владата, со цел да се подели ВМРО-ДПМНЕ за да се протуркаат уставните измени.Според Мицкоски, власта планира да му вети кривична неказнивост на Груевски кој побегна во Унгарија за да избегне затворска казна, а тој, пак, треба да се врати и да помогне уставните измени да поминат во парламентот.По ваквите наводи, експремиерот Груевски синоќа во објава на Фејсбук го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да изнесе докази со кои ќе ги поткрепи тврдењата што ги изнел во интервјуто за германски ФАЦ.

„…Дали може лично тој јавно да каже со кој мој потег, изјава, натпис или што било јас сум се обидел да ја поделам партијата и да даде доказ дека јас сум прифатил валкана игра со власта која треба да ја спроведам со помош на мои приврзаници во партијата“, пишува, меѓу останатото, во фејсбук-објавата на Груевски.

Лидерот на ГРОМ и градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски,пак, преку Фејсбук статус му порача на  Мицкоски да отиде до Будимпешта по совет од Никола Груевски, а не да плаче по интервјуа за странски медиуми.

„ Мицкоски е соочен со фактот дека Никола Груевски не само што има висок рејтинг туку и неговата популарност постојано расте. Иако сатанизиран, прогонуван, осудуван и приморан да бега и без било какви ресурси од Будимпешта повремено ќе се јави со некој напис има повисок рејтинг од овој кој ја има целата партиска инфраструктура, ПР служба и медиуми. Уплашен доколку Груевски во која било форма се појави на изборите дека тој (лично тој Мицкоски) нема да биде власт во Македонија јавно плаче во интервју на „Франфуртер Алгемајне Цајтунг“ дека наводно владата имала комуникација со поранешниот премиер. Што да ти кажам Христијан? Не е проблемот дали Владата комуницирала со него, клучно прашање за ВМРО ДПМНЕ и опозицијата е зошто ти не комуницираш со Груевски? Да беше паметен до сега од него ќе слушнеше некој умен совет и ќе дојдеше на власт, а не 7 години да седиме во опозиција. Наместо јавно да кукаш над судбината запали колата отиди до Будимпешта, пресрами се и побарај совет зошто се наоѓаш во ситуација во која незнаеш да најдеш излез и, што би рекле Кумановци  „пречаш као пиле у кучина“. Убаво е на членството да му одговориш колку пати си бил во Будимпешта и колку пати си се сретнал со тој што те стави на престолот да седиш на чело на четирите свети букви“, напиша Јакимовски.

Мицкоски овие пораки ги оцени како јавна пародија утрово и порача дека лично ќе му каже на Груевски а не преку медиуми детали, место да биде дел од сценарио за правење раздор во партијата. 

„Жалам што се одлучи на чекорот да правиш јавна пародија и да служиш за дефокус од криминалот на оваа криминална власт и те разбирам, но не можам да те оправдам. Нема потреба од дијалог преку медиуми, но бидејќи ми се обрати со статус само еднаш ќе ти одговорам на ист начин.Никола, немам намера со јавни преписки да бидам дел од сценариото за создавање раздор во корист на оваа власт. Еден ден кога ќе се видиме, очи во очи ќе ти кажам и детали ако си подготвен да ги чуеш. Нема да дозволам да се заборави што прави оваа криминална власт за да остане сѐ подолго креирајќи атмосфера каде се губи надежта на граѓаните за правда и за правдина.

Ако ти сакаш раздор тоа е твоја одлука на која јас сум подготвен да се спротивставам, бидејќи не станува збор за лична битка, туку битка за Македонија која сѐ  повеќе тоне во криминал, каде се оди против волјата на граѓаните. А нас политичарите народот нѐ бира и ние одговораме пред народот за нашите постапки. За Македонија не смее да има пазар и договори под маса. Нема да дозволам лични договори и аранжмани за сметка на колективниот интерес. Ова не е 2018, ова е друго време.Како велеше, ‘вистината е како шило, порано или подоцна ќе излезе’, а вистината ја знаеме и јас и ти…, но изгледа ја знаат и други кои ја кажуваат изминативе денови јавно, помалку или повеќе гласно и јасно“, напиша Мицкоски