ВМРО-ДПМНЕ вели дека ќе биде исфрлена фирмата на бизнисменот Давидовиќ од енергетскиот план
Откако денеска СДСМ повторно прдупреди дека хирмата на контроверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Давидовиќ – Дака е дел од енергетскиот план на Македонија за 2026, ВМРО-ДПМНЕ објави оти таа ќе биде исфрлена од него.
Давидовиќ од 2023 се наоѓа на црната листа на САД, а фирмата поврзана со него „Хронос сум“ е наведена во планот на Министерството за енергетика да изгради фотоволтаична централа со моќност од 550 мегавати.
„Сега кога јавно ги фати живи Антикорупцискиот тим на СДСМ како спремаат бизниси со човек кој се поврзува со перење пари, криминални структури и е на црната листа на САД ВМРО-ОКГ пробува да се испере.
Панама, офшор мрежи и сомнителен капитал. Скандалот е уште поголем ако се знае дека станува збор за истиот субјект кој со години стоел без реализација, а сега одеднаш, со ВМРО-ОКГ на власт, повторно оживува.
Потонаа сите лаги на Александар Николовски и ВМРО-ОКГ.
Ќе им се извинат ли денеска на граѓаните за сите лаги? СДСМ бара владата на Мицкоски веднаш да ја повлече одлуката и да го стопира овој сомнителен проект“, рече на прес-конференција портопаролката Богданка Кузеска.
Од ВМРО-ДПМНЕ подоцна одговорија дека „иако сите услови и законски критериуми беа исполнети за посочената фирма на бизнис партнерот на Заев, Миодраг Давидовиќ – Дака, сепак Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги преземе сите потребни законски можности таа да биде исфрлена и да нема можност да гради и инвестира во енергетски објекти“.