ВМРО-ДПМНЕ в сабота ќе протестира против реваншизам

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ за в сабота најави нов протест во Скопје, на кој, како што соопшти денеска, ќе протестираат против неправда, реваншизам и политичко насилство.

Протестот ќе почне во 18.30 часот  пред Министерството за правда, по што ќе продолжи пред Основното јавно обвинителство.

Според ВМРО-ДПМНЕ, „власта во недостаток на успеси и во услови на секојдневни порази на секое поле, сѐ повеќе се врти кон политички прогон и застрашување“.

– Министерот за неправда наместо да прави реформи, јавно се заканува и им прејудицира казни на сите кои не мислат како Заев. Тоа е таа Заев-неправда по рецептот јавно да се најавуваат пресудите и од страна на Заев и од страна на министер за правда и од страна на обвинители и судии. Мафијата работи по принципот, мафија се тужи, мафија те суди. Затоа гледаме стотици случаи кај што мафијата на власт удира по новинари, удира по опозицијата, удира и по народот. Кацарска е наградена со место во Уставниот суд. СЈО ги изеде народните пари, а народот не виде правда, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓу останатото наведуваат и дека „оние судии и обвинители кои работат по директивата на Заев потоа се унапредуваат и наградуваат, а тоа народот го гледа и затоа довербата во правосудството е минорно“.