ВМРО-ДПМНЕ тврди дека власта потфрлила околу епидемијата, СДСМ бара да престанат да блокираат

Комисијата за заштита од заразни болести потфрли и цело лето не направи ниту план ниту стратегија во поглед на протоколи и пристап. Епилогот е 2.000 заболени за една недела, заболени во болниците, градинките, училиштата, фабриките, буквално секаде, е последното од серијалот обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ кое во исто време ги кочи новите мерки за соравување со епидемијата во Собранието.

-Власта која ја исполитизира Комисијата продолжува и понатаму со истата политика и со истата, чија работа до сега резултираше со катастрофа на здравствен план, една милијарда задолжувања за надминувања на последиците од Ковид пандемијата врз економијата, над 40 илјади луѓе останати без работа, како и цели семејства со намалени приходи.Неспособноста и незаинтересираноста на власта предизвикаа и преполни болници и скоро ниту едно слободно место во болниците како во Скопје, така и низ државата. Летниот период не се искористи за зголемување на болничките капацитети, и сега се соочуваме со хаос, тврдат од оваа партија.

Од СДСМ пак одговорија дека сега кога е во тек есенскиот бран од коронавирусот потребна е максимална одговорност  на сите во спречување на ширењето на заразата, вклучувајќи го и ВМРО-ДПМНЕ кое според оваа партија тенденциозно ги блокира измените на Законот за заштита од заразни болести и нанесува штета на јавното здравје.
-Согласно новите мерки, работното време на сите угостителски објекти е ограничено до 23 часот, освен на тие што вршат испорака, а воведено е и ограничување на капацитетот на патници во возилата на јавниот превоз на 50 отсто.Владата предводена од СДСМ ја прифати и препораката на Комисијата, државната и јавната администрација, општините и судовите да работа во смени, онлајн од дома или редуцирано со систем на ротации.
Владата предводена од СДСМ ги усвои и мерките со кои се предвидува носење маски на отворено, ограничување на групирање по 22 часот, како и ограничување на семејните собири. Овие мерки се проследени до Собранието кое треба да ги усвои измените на Законот за заштита на населението од заразни болести.Но, во време кога се соочуваме со нов бран на коронавирусот, кога и кај нас,но и во регионот и во европските земји бројот на заразени секојдневно расте, ВМРО-ДПМНЕ повторно прави се за да ги одолговлекува мерките важни за справување со пандемијата.
Нивните обиди за деструкција и блокирање на законските измени е смислен и тенденциозен обид за дневно политички поени, со што директно се загрозува јавното здравје. Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ, повторно докажуваат дека последно за што се грижат е здравјето на граѓаните.Нема време за одложување. Ситуацијата со коронавирусот е сериозна и потребно е брзо делување,  конструктивност и соработка, порачуваат од СДСМ.