ВМРО-ДПМНЕ тврди дека 123 функционери од власта кријат имоти
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција соопшти дека според списоци кои ги поседувале 123 функциониери на СДСМ и ДУИ поседувале имоти кои ги скриле од јавноста и кои вределе 30 милиони евра. Тие тоа го нарекоа афера „Тајни имоти“ и, наводно, ги поседувале сите детали.
„Овие имоти се тајни и истите не се евидентирани од Државната комисија за спречување на корупција. Не веруваме дека се работи за системски пропуст, туку за системско прикривање на станови, куќи, деловни простори, удели во фирми и депозити“, соопшти пратеникот на партијата Бране Петрушевски.
Според него, институциите, како Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси, биле соучесници во шемата која ја креирала власта и биле нивни заштитници.
„Антикорупциската комисија е должна да води точна прецизна и навремена евиденција за поднесување на анкетните листови од страна на функционерите, кои имаат обврска во рок од 30 дена од нивното именување да поднесат анкетни листови. Треба да се постави и прашањето зошто постои Антикорупциска ако 123 функционери го кријат својот имот“, рече Петрушевски.
Тој рече дека партијата им дава рок од 24 часа на институциите сами да ги објавеле овие имиња, во спротивно од утре ќе ги објавувале поединечно заедно со имотот кој го криеле.