ВМРО-ДПМНЕ тргна во потера по Венко Филипче


Венко Филипче има поддршка од околу 80 отсто од граѓаните за справувањето со корона кризата (Фото: Б. Грданоски)

„Македонија прво ќе ја победи короната, а потоа ќе ги победи Заев и Филипче“, објавува опозицијата

 

Изгледа дека во главната опозициска партија решиле да одиграат ризичен политички гамбит, па од денеска, сабота, тргнаа во потера во симнување на аурата и кредибилитетот на министерот за здравство, Венко Филипче, во справувањето со епидемијата на корона кризата. Секако, тоа е поврзано со одлуката за датумот на изборите, од кој веќе, очигледно не може да се бега по позитивниот одговор од ОБСЕ/ОДИХР да ја продолжат набљудувачката мисија за предвремените избори прекината поради епидемијата на корона вирусот.

ВМРО-ДПМНЕ денеска објави партиско соопштение со наслов: „Македонија прво ќе ја победи короната, а потоа ќе ги победи Заев и Филипче“. Во него, меѓу другото, се наведува дека епидемијата во Македонија наместо да спласнува се шири и дека  „евидентен е хаосот, па така починати лица од корона вирус се кријат, па под притисок на јавноста се објавуваат после ден или два“. Опозицијата обвинува за неспособност на власта и поради „партиските калкулации на Заев и Филипче“ Македонија е земја која најмалку тестира граѓани во регионот. За да заклучи: „Животот на граѓаните е поважен од политичката кариера на Заев и на Филипче. Прво Македонија ќе ја победи короната, а потоа ќе ги победи на избори Заев и Филипче“.

Досега ВМРО-ДПМНЕ одбегнуваше многу остро да влегува во конфликт со Филипче внимавајќи на неговиот огромен рејтинг во јавноста (дури 80 отсто според емисијата „Детектор“ на Сител) за да не си направи штета самата себеси. Очигледно дека сега во ВМРО-ДПМНЕ ставија друга плоча, па со минимизирањето на одговорот на здравствените власти, на лекарите, медицинските сестри и министерот Филипче сакаат да отворат нов наратив.

Не  јасно дали во ВМРО-ДПМНЕ го пресметале ризикот од оваа отворена потера по Венко Филипче и по сето она што тој и Комисијата за заразни болести го направија во овој период, а за тоа добија пофалби во јавноста и од претставниците на Светската здравствена организација. Или тоа е инстинктивна реакција пред одлуката на партиските лидери дека системот веќе вака не може да функционира и дека ќе мора што побрзо да се оди на избори, за кои никој не зне какви резултати ќе донесат.

Комплицираноста на овој потег на ВМРО-ДПМНЕ е што тој е последниот од низата на која се наредени сите постапки на Владата (во која партијата има и свој министер) и опозицијата речиси за ниедна не сака да каже барем полупофален збор. Така, и последново соопштение за потерата на Филипче е во контрадикторност – Македонија сама од себе не може да ја победи короната, туку тоа ќе го направат лекарите и медицинскиот персонал, а системот во којшто работат го раководи токму Венко Филипче.

Во последната анкета објавена во „Детектор“ дури 71,2 отсто од граѓаните велат дека се задоволни од работата на надлежните во справувањето со епидемијата со корона вирусот. Тоа е огромна бројка, па затоа изгледа чудно оваа политички ризична игра на ВМРО-ДПМНЕ преку нихилистички став да застане против преовладувачкото мислење, затоа што ова не е обична криза, туку базичен страв на секој граѓанин за сопственото здравје и здравјето на најблиските.

Секако дека во сите партии има стратези кои ги анализираат настаните и ги осмислуваат следните чекори. Дали отворањето на нападот кон министерот Филипче бил добро осмислен ќе се види брзо. Јасно е дека кај некои од поддржувачите на опозицијата ова може да им одглас, но тоа може да биде контрапродуктивно во однос на она колку гласачи може да оддалечи од неа ваквиот потег.  (Љ.П.)