ВМРО-ДПМНЕ: Тој што спровел изборен поткуп не може да биде борец против корупција


Игор Здравковски од ВМРО-ДПМНЕ обвини денес дека Љупчо Николовски е  човекот од позадина на Зоран Заев, генерален секретар на СДСМ, кој ги организирал сите изборни нерегуларности и целиот партиски поткуп и како таков не  може да биде вицепремиер за борба против корупцијата.

– Под палката на Љупчо Николовски како генерален секретар на СДСМ е спроведен најголемиот поткуп во независна Македонија каде дури една милијарда евра кои владата ги зема како заем и кои граѓаните ќе треба да ги враќаат се потрошија на купување на гласови. Додека Николовски беше министер за земјоделие му се случи најголемата криминална проневера на пари во тој сектор. Имено во период од 21.9.2017 година до 1.10.2018 година, Кире Неделковски, партиски активист на СДСМ и човек близок до Николовски и Заев проневерил цели 300.000 евра пари на тутунарите од Сојузот на тутунари. Тутунарите реагирале и со писмо поткрепено со документи и факти го известиле и Зоран Заев и Љупчо Николовски, како тогашен министер за земјоделие, но реакција немало.Кире Неделковски не само што шета на слобода, туку и е унапреден од страна на оваа власт и именуван за член на УО на Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделието.

Љупчо Николовски не се справи со корупцијата и криминалот во министерството со кое раководеше, оттука не може ниту да очекуваме дека ќе се справи со корупцијата и криминалот во целата држава, напротив тој ќе го унапреди!, тврди Здравковски.

Од СДСМ реплицираа дека фејк-њуз партијата ВМРО-ДПМНЕ е исплашена од капацитетот на Николовски, па шири лаги и невистини.
-ВМРО-ДПМНЕ толку многу е исплашен од потенцијалот на Љупчо Николовски и новата Влада, што почна да биде таргет на грозни лаги од губитничката партија на неодамнешните избори.Наместо да ги среди внатрешните односи и што поскоро да стане вистинска конструктивна опозиција, ВМРО-ДПМНЕ продолжува со нивната надалеку позната фејк-њуз политика на измислување лаги, со единствена цел да се скријат сопствените проблеми, недостатоци и некадарност.

Остро ги демантираме последните измислици на фејк-њуз ВМРО и им посакуваме побрзо заздравување од проблемите со кои се соочуваат секојдневно последниов период. Тоа е најголемата опозициска партија кој заслужува стабилност и вистинско лидерство, за нивно, но и општо добро на сите нас како демократско општество што аспирира да оди напред, порачаа од владеечката партија СДСМ.