ВМРО-ДПМНЕ тешко се одлепува од Груевски


Голема е веројатноста поранешниот премиер и долгогодишен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, сега азилант во Будимпешта, да остане пратеник. Без гласовите на опозицијата, која вчера се воздржа од гласање за предлогот за одземање на неговиот мандат, парламентарното мнозинство тешко ќе ги обезбеди потребните 80 гласови, и покрај шестмесечното отсуство на Груевски, кое е  евидентирано како неоправдано. Сепак, останува отворена опцијата дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се премислат и на пленарната седница на оваа тема да гласаат „за“.

Освен  што избега од  правдата во земјава, односно од отслужување на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“, Груевски е меѓу „рекордерите“ според бројката на истраги и обвиненија што против него ги има покренато СЈО, а од пред неколку месеци тој е дел и од истрагата на Обвинителството за организиран криминал како еден од можните организатори на настаните во парламентот на 27 април 2017 година. И покрај сето тоа, мандатот на Груевски во овој собраниски состав веројатно ќе трае подолго од мандатот на „шарениот револуционер“ Павле Богоевски, кој фигурира сè уште како претседател на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, а кој во петокот најави оставка од пратеничката функција од морални причини поради аферата со наводната набавка на канабис за медицински цели, за што самиот призна дека го прекршил законот.

Деловничката комисија вчера продолжи со работа, во отсуство на Богоевски, кој најави дека ќе ја поднесе оставката откако во парламентот ќе гласа за одземање на мандатот на Груевски. Со комисиската расправа за мандатот на Груевски сега претседаваше заменик претседателката на ова собраниско тело, Снежана Калевска-Ванчева, која уште при утврдувањето на дневниот ред се соочи со сугестија од координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, дека оставката на Богоевски треба да се ефектуира веднаш, иако, според Уставот, оставката е личен чин на пратеникот и таа треба да биде констатирана во Собранието на првата нова седница откако ќе биде поднесена.

По завршувањето на комисиската седница, Богоевски се огласи преку „Фејсбук“, најавувајќи дека својата оставка ќе ја депонира по пленарната седница за мандатот на Груевски, независно од исходот од гласањето.

„Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања го изгласа предлогот за одземање на мандатот на Никола Груевски. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не гласаа, иако беа присутни во салата. Останува да видиме дали доволен број од нив ќе имаат сила да се одречат од својот пастир на пленарната седница, каде што се потребни 80 гласа за одземање на мандатот на почесниот претседател во бегство. Според Деловникот, за мандатот треба да се расправа на наредната пленарна седница. Писмото за престанок на мојот мандат ќе го заверам во службите по гласањето, без разлика на исходот“, напиша Богоевски.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ решија воопшто да не се изјаснат при гласањето за предлогот за одземање на мандатот на Груевски. Тој предлог беше усвоен со пет гласа „за“ од пратениците од мнозинството и без ниту еден глас „против“ или „воздржан“. Сепак, конечната одлука треба да ја донесе собранискиот пленум со двотретинско мнозинство, што е невозможно без ВМРО-ДПМНЕ или евентуално независните пратеници, од кои дел, исто така, имаа резерва во однос на одземање на мандатот на пратеник.

Наспроти вчерашниот потег на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Извршниот комитет на партијата претходната вечер ги охрабри парламентарците да постапат согласно со Уставот и собранискиот Деловник, доколку се исполнети условите „во случајот со пратеникот Никола Груевски“.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Невенка Стаменковска на комисиската седница изјави дека не се исполнети условите од Уставот за одземање на мандатот на Груевски, затоа што, според неа, на пратеникот-азилант не му било овозможено да се пријавува и да биде третиран како оправдано отсутен во парламентот.
Според Стаменковска, Груевски не е бегалец, туку го искористил правото за добивање политички азил, согласно со Универзалната декларација за човекови права.
„Во Македонија денеска се живее во услови на репресија, прогон, политички апсења. Наместо унапредување на политичкиот систем, судството и обвинителството се користат како политичка алатка на владата. Груевски не е бегалец, како што го нарекувате, туку лице кое има добиено политички азил од земја членка на ЕУ. Деловникот дозволува пријавување отсуство на секој пратеник, но вие со вашите репресивни мерки не дозволивте да се пријавува како оправдано отсутен“, рече Стаменковска.
Заменик-претседателката на Комисијата, Снежана Калевска-Ванчева, рече дека е очигледно дека има различно толкување на Уставот и на Деловникот и дека за одземање на мандатот е потребно двотретинско мнозинство.

„Не знам како не му било дозволено да пријавува отсуство. Никој не го натера да бара азил. Дали азилот ќе биде третиран како оправдано отсуство или не, тоа е на сопствена совест. Очигледни се фактите за неоправдано отсуство“, рече таа.

Според СДСМ, последниот потег на опозицијата покажува дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е само пион во рацете на Груевски.

„Лицемерниот Христијан Мицкоски и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ денеска, повторно, по којзнае кој пат го бранеа осудениот криминалец Никола Груевски.

Граѓаните видоа, Мицкоски, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не си ги почитуваат ниту сопствените одлуки. А не поминаа ниту 24 часа. Ова покажува дека одлуките на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ не се ништо друго туку лицемерни одлуки кои во суштина се сведуваат само на лажни вести. Во намерата да го одбранат, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ денеска тврдеа дека бегството од кривична одговорност на Груевски е оправдано отсуство“, изјави портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

Александра М. Митевска