ВМРО-ДПМНЕ стана бездомник, судот ја конфискуваше Белата палата
Никола Груевски доби шест години затвор во „Талир 2“, но поради желбата за грандиозност на партијата ѝ остави наследство – да нема дом
Во пресудата што досега изгледаше незамислива Кривичниот суд денеска го конфискуваше партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ заради матните зделки со АД „Бетон“ при неговата изградба со кој биле повредени многу законски норми. Во пресудата во случајот познат како „Талир 2“ Никола Груевски како тогашен претседател на партијата доби шест години затвор, а тогашниот генерален секретар Кирил Божиновски е осуден на две години условна казна, ако во наредните пет години не стори кривично дело.
Но, не само тоа. Судот ги конфискуваше и имотите што ги купила партијата низ Македонија од незаконската имотна корист добиена од „Бетон“ во вредност од 132,5 милиони денари.
Откако судијката Даниела Алексовска-Стојановска ја изрече пресудата нагласи дека во ова општество мора да владее правото, а лидерите на политичките партии не смеат да помислуваат дека се над законот и да прават договори кои преминуваат во криминал.
Ова ќе биде голем удар за ВМРО-ДПМНЕ затоа што ќе остане без луксузното седиште доколку оваа пресуда ја помине и втората инстанца, Апелацискиот суд. Како и каде би работела партијата натаму е прашање за нејзините органи и тела.
На оние што сега се раководство на партијата им останува да размислуваат какво наследство им остави пребегнатиот Никола Груевски. Всушност, тежнејќи кон грандизоност со сомнителни зделки Груевски ја направи својата партија бездомник.
Судијката Алексовска-Стојановска ја образложуваше пресудата речиси два часа. Суштината на она што го кажа беше дека колективните тела на партијата ВМРО-ДПМНЕ ги спроведувале личните одлуки на Никола Груевски, а во тоа по задача се вклучил и второобвинетиот Кирил Божиновски. Според образложението, тоа го потврдиле и сведоците во своите изјави.
Груевски и Божиновски презеле дејства за да остварат противправна корист за партијата, иако тоа е целосно спротивно од законот за политички партии. Судијката Даниела Алексовска-Стојановска рече дека партиските органи биле само покритие, не учествувале во одредувањето на процентите во новата градба на проширеното место на старото седиште, туку само формално одобрувале. Постапката била само привидно правно валидна.
„Сѐ произлегуваше од моќта на политичката партија“, рече судијката за кривичното дело кое се одвивало од јули 2012 до август 2016 година. Според пресудата ВМРО-ДПМНЕ го добила новото седиште спротивно на законот, со договор со „Бетон“ кој бил во голема мерка корумпиран, затоа што градежната компанија во тие години дури 75 отсто од нејзините активности ги остварувала во зделки од јавни државни тендери. Освен што бил несразмерен процентот во заедничкиот договор за изградба на хотел и седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, „Бетон“ во неколку наврати потоа ѝ исплатил на партијата 132,5 милиони денари (2,1 милион евра) кои потоа биле искористени за купување на недвижен имот во повеќе градови во државава.
Кирил Божиновски како генерален секретар, образложи судијката, постапувал според насоките на Никола Груевски – организирал, контролирал и насочувал како да се склучи и спроведува договорот со „Бетон“.
И двајцата се осудени за злоупотреба на службената положба и овластување. Застапник на обвинението беше Љубомир Лапе.
Ова е петта пресуда за поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Четири од нив се првостепени, а една е конечна. Вкупната затворска казна за Груевски, кој е во егзил во Будимпешта, со овие шест години сега изнесува 25,5 години. Претходно, во случајот „ТНТ“ за уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фиат Цаноски доби 9 години затвор, за случајот „Тенк“ со „мерцедесот“ 2 години, за „Насилство во Центар“ 1,5 години и за „Плацеви на Водно“ 7 години. Истрагите за сите овие случаи ги покрена поранешното Специјално јавно обвинителство. (Н.В.)