ВМРО-ДПМНЕ: Советник на СДСМ присуствувал на седница иако правел тест за Ковид 19
ВМРО-ДПМНЕ го нарече скандалозно однесувањето на координаторот на советничката група на СДСМ во Ѓорче Петров кој присуствувал на седница на советот, а притоа знаел дека има симптоми на Ковид 19.
-Го прашуваме Цветковски дали на 13- ти октомври, вторник, кога се одржала седница на советот на општина Ѓорче Петров на која требаше да биде ставена точката на дневен ред за спорниот ДУП во Дексион Јурија и ново задолжување на општината со над 1 милион евра, соочувајќи се со отсуство на еден советник од владеачкото мнозинство и немањето на мнозинство присуствувал на седницата, а притоа имал симптоми на болеста?
Со оглед дека утредента го добил резултатот од Ковид 19 тестот, дали Цветковски чувствувајќи симптоми на Ковид 19 свесно ги донел во опасност другите советници, вработените во општинската администрација, граѓаните и медиумите кои го пренесуваа настанот? Зошто воопшто дошол на седницата ако чувствувал симптоми на Ковид 19?
Згора на тоа на видеото од седницата може да се забележи како Цветковски не почитувал дистанца и никакви заштитни мерки и давал и изјави за медиумите.
Дали Александар Наумоски и општинските власти знаејќи за оваа ситуација, а во тешкотија да обезбедат мнозинство, намерно не ги почитувале протоколите за заштита и не е мерена температура на влезот, бидејќи ако мереле Влатко Цветковски немало да може да присуствува на седницата и со тоа да ги донесе во опасност сите присутни.
СДСМ е спремен и по цена на животот на своите советници да го донесе заболениот Цветковски на седницата за да имаат мнозинство со цел заштита на криминалот и корупцијата на Александар Наумоски.Само кај Александар Наумоски висината на една зграда има повисока цена од здравјето на неговите соработници, медиумските работници и граѓаните.Што толку и на кого му ветил дека ќе гради што е спремен да ги жртвува и своите партиски колеги?- прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.