ВМРО-ДПМНЕ со правни мерки ќе го оспорува Законот за ЈО

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес на прес конференција најави дека неговата партија правно ќе го оспори начинот на кој што е донесен Законот за Јавно обвинителство.

Според него изгласувањето на законот било се, само не правда, туку комплетна анархија која го загрозила имиџот на државата.

Како почнаа така и завршија“, рече Мицкоски, додавајќи дека Законот за ЈО не треба да влезе во правниот систем. Тој го повика претседателот Стево Пендаровски да не ги потпишува законите, а во спротивно, како што рече, ќе биде соучесник. Тој додаде дека сепак, добрата вест е што завршува владеењето на Зоран Заев.

Зборувајќи дека неговата визија за Македонија почива на три принципи: чесност и честитост, работа која мора да донесе резултати и одговорност, тој рече дека по 12 април ќе има одговорност и дека мора да има правда за секого без оглед на политичката припадност или блискоста со поединци, насочувајќи го прстот пред се кон лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Одговарајќи на прашање на новинарите зошто ВМРО-ДПМНЕ не предложиле нов министер за труд и социјална политика, наместо разрешената Рахела Мизрахи, Мицкоски одговори дека не сака да биде дел од играта на Заев и на Спасовски и дека со или без министер за труд и социјална политика, победата на престојните предвремени парламентарни избори ќе биде голема.