ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов капитулираше пред комарците


Фото: Б. Грданоски

ВМРО-ДПМНЕ го обвини градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, дека ги оставил на немилост скопјани на комарците среде лето.

-Шилегов капитулираше пред комарците, а не пак да решава инфраструктурни проблеми на граѓаните на Скопје. Обично прскање се претвори во епска битка против злосторничките комарци што само ја покажува еклантната неспособност, неработа и популизам на Шилегов. Не е за чудо интервентното прскање против комарци да се претвори во вносен бизнис на структури на власта како и се друго. Тоа што прво се создава проблем, а дури потоа се решава откако ќе се загрози здравјето на скопјани покажува дека Скопје има неспособен градоначалник. Комарците сределето  се изненадување за Шилегов што само покажува дека не ја сработил домашната задача,  стои во реакцијата на советничката група од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во градот.

Од Град Скопје се правдаа дека годинава дошло до поголемо размножување на комарците поради „изразената влага во вегетацијата“. Инаку, Градот има договор со две фирми за прскање против комарци во вкупен износ од 67 милиони денари, и оваа сезона тие прскаа четири пати. Сепак, Скопјани се жалат дека не можат да излезат навечер бидејќи има наезда од овие агресивни инсекти. Една прошетка по градскиот кеј го покажува тоа, бидејќи на сите минувачи тоа им е главната тема за разговор.

Ново вонредно прскање е закажано за утре иако помина само една недела од последното авионско прскање, спроведено предминатиот викенд, а од понеделникот до петокот минатата недела се вршеше прскање од земја. Комарци сепак има,  што на социјалните мрежи се претвори во шеговита дебата  околу бесшумните авиони што никој не ги забележува дека прскаат со констатација дека Шилегов, ако навистина прска, тогаш изгледа ги прска со витамини. Од Град Скопје  пак тврдат дека се прска со најдобриот светски препарат, производство на германската фирма „Бајер“.

Патем во Грција прскање против комарци нема од еколошки причини, за да се заштити морето и туризмот, а нашите граѓани летуваат таму и не се жалат.