ВМРО-ДПМНЕ, сепак, не гласаше за одземање на мандатот на Груевски

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се воздржаа од гласање по предлогот за одземање на пратеничкиот мандат на поранешниот премиер и партиски лидер Никола Груевски, на денешната седница на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетски прашања. Членовите или замениците членови што беа присутни на седницата не се изјаснија нити „за“, ниту „против“, ниту „воздржано“. Предлогот беше усвоен со пет гласа „за“ на пратеници од парламентарното мнозинство и сега оди на разгледување на пленарна собраниска седница.
Со ова продолжува неизвесноста околу тоа дали во собранискиот пленум ќе се обезбедат 80 гласови за одземање на мандатот на Груевски, поради шестмесечно неоправдано отсуство од парламентот. Наспроти денешниот потег на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, извршниот комитет на партијата синоќа ги охрабри парламентарците да постапат согласно со Уставот и собранискиот Деловник, доколку се исполнети условите „во случајот со пратеникот Никола Груевски“.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Невенка Стаменковска, на комисиската седница, изјави дека не се исполнети условите од Уставот за одземање на мандатот на Груевски, затоа, што, според неа, на пратеникот-азилант не му било овозможено да се пријавува и да биде третиран како оправдано отсутен во парламентот.
Сппоред Стаменковска, Груевски не е бегалец, туку го искористил правото за добивање политички азил, согласно со Универзалната декларација за човекови права.
-Во Македонија денеска се живее во услови на репресија, прогон, политички апсења. Наместо унапредување на политичкиот систем, судството и обвинителството се користат како политичка алатка на владата. Груевски не е бегалец, како што го нарекувате, туку лице кое има добиено политички азил од земја членка на ЕУ. Деловникот дозволува пријавување отсуство на секој пратеник, но вие со вашите репресивни мерки не дозволивте да се пријавува како оправдано отсутен, рече Стаменковска.
Претходно, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски бараше веднаш да се ефектуира оставката од пратеничката комисија на претседателот на оваа Комисија Павле Богоевски, кој во петокот на почетокот на седницата за мандатот на Груевски најави дека ќе се повлече од Собранието, ама, како што рече, откако ќе учествува во донесувањето на одлуката за одземање на мандатот на поранешниот премиер. Мицевски преупреди дека оставката на Богоевски може да заврши во фиока, како таа на директорот на затворот во Шутка. (A.M.M.)