ВМРО-ДПМНЕ се жали дека добила двојно помалку простор за рекламирање од СДСМ


Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски ја обвини за „лукративни договори“ владеечката СДСМ со кои, според опозицијата, таа добила двојно повеќе простор за рекламирање на изборите од нив.

„Агенцијата за медиуми го објави извештајот за платено политичко рекламирање, каде што може јасно да се забележи соодносот на рекламирањето помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, при што е 2 наспроти 1, односно двојно повеќе простор доби СДСМ за платено политичко рекламирање на овие избори. На што се должи ова?

На само пет минути пред завршувањето на вонредната состојба во Република Македонија, воведена заради справување со пандемијата од Ковид-19, СДСМ наместо да се посвети на сузбивање на пандемијата, на последната седница на Влада, пет минути пред да заврши вонредната состојба, изгласаа уредба во пресрет на предвремените парламентарни избори за медиумски мрак и гушење на политичкото претставување на опозицијата.Тоа не само што беше противзаконски, туку беше директно мешање во изборниот процес. Па така, ВМРО-ДПМНЕ доби ограничен простор за рекламирање во медиумите, а СДСМ доби простор да може да се рекламира и двојно повеќе од ВМРО-ДПМНЕ.

Користењето на вонредната состојба за ваква уредба значеше гушење на медиумскиот рекламен простор за ВМРО-ДПМНЕ, каде што СДСМ директно мешајќи се и интервенирајќи во изборниот законик, придонесе да се ограничи рекламниот простор на штета на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, за да истата СДСМ може да манипулира со рекламниот простор во медиумите.Ова беше и една од причините за најнедемократските избори и изборниот грабеж кој што е случи на овие избори, изјави портпаролот Димче Арсовски.