ВМРО-ДПМНЕ се сомнева дека Владата може да издаде еврообврзница


Опозициската ВМРО-ДПМНЕ семата дека има повеќе фактори кои укажуваат дека Владата не може да излезе на меѓународниот пазар на капитал и да издаде нова еврообврзница. Во денешното партиско соопштение до медиумите, се вели и дека каматните стапки за задолжување на земјата и натаму ќе растат, како и дека колку повеќе чекаме (да се зѐадолжиме), толку поскапо нѐ чини. 

За разлика од најголемиот број соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ кои изобилуваат со недолични зборови, денешново на тема еврообврзица е напишано на економски стручен јазик.

Така, од ВМРО-ДПМНЕ се осврнуваат на заемот за претпазливост и ликвидност од Меѓународниот монетарен фонд кој покрај тоа што требаше да ни обезбеди ликвидност за финансирање на буџетот, требаше да биде котва на сигурност пред меѓународните инвеститори.

„Но, наспроти ветувањата за лесна достапност на средствата ММФ со поволна каматна стапка од 1%, некредибилните политики од претходниот период на ковид кризата и нереално планираната фискална стратегија на среден рок го одложија заемот од ММФ. Што треба да се смени за да го добиеме, останува да видиме“, се вели во соопштението.

Второ, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, наместо навремено обезбедување на средства за справување со енергетската криза преку издавање на еврообврзница на долг рок, Владата крпи и се задолжува на краток рок кај комерцијални кредитори. Потврда за тоа е краткорочниот заем од 50 милиони евра од Шпаркасе банка со каматна стапка утврдена како Еурибор (кој рок не кажаа, ама е во секој случај е варијабилен дел од каматата) и маргина од 1,15%.

Од партијата велат и дека последната одлуката на Владата да се задолжи на германскиот пазар на хартии од вредност со 250 милиони евра преку „Namensschuldverschreibungen“ или т.н. регистрирана обврзница којашто ја издава Дојче банк преку еден вид на директна спогодба со потенцијални инвеститори потврдува дека Македонија не може сама да гарантира за својот долг. Затоа ни треба квалитетот и репутацијата на Дојче банк.

„Оправдувањето дека каматната стапка на најновото задолжување е тековно најповолна не држи. Каматната стапка изнесува 3,75% плус 6 месечен Еурибор, којшто тековно е околу 1,85% и е варијабилен, а во иднина уште повеќе ќе расте. Тоа значи дека за рок од 4 години и шест месеци (рокот на отплата од 3 години и 18 месечен грејс период) имаме тековно камата од 5,6% со веројатност да биде уште повисока“, се вели во соопштението. 

Притоа, се додава дека доколку издадевме еврообврзница индикативната камата според министерството на финансии ќе беше околу 8%, но рокот на којшто базира оваа оценка е за еврообврзница со рок на доспевање повеќе од седум или повеќе години.

На крајот од ВМРО-ДПМНЕ велат дека оправдувањето дека каматните стапки за издавање на еврообврзница сега се високи и дека во иднина се чекаат поповолни услови нема никаква рационална подлога.

„Затегaњето на монетарната политика од страна на глобалните централни банки и напуштањето на квантитативното олеснување во услови на зголемен потреба за финансирање на енергетската криза во Европа само ќе значи помала ликвидност на меѓународните финансиски пазари и зголемени трошоци за задолжување во иднина. Колку повеќе чекаме, толку поскапо нѐ чини. Прво, зошто немањето пари не остави без мерки, а отсуството на мерки направи големи штети и висок ризик за прелевање на енергетската криза од еден во друг сектор на економијата. Од енергетска криза влегуваме во финансиска криза. Второ, кога надворешно пазарно ќе се задолжиме, цената ќе биде повисока отколку пред шест месеци“, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.