ВМРО-ДПМНЕ се „пере“ пред Агелер за нападите на „Бехтел и Енка“
Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, реагираше на интервјуто на американската амбасадорка Ангела Агелер, во кое таа оцени дека опозицијата заради политички поени го критикува договорот со „Бехтел и Енка“. Според Митева, во партијата се сигурни дека заеднички интерес и на Агелер и на македонските граѓани е договорот што го потпиша македонската влада со изведувачот да биде објавен и дека ја ценат реакцијата на амбасадорката бидејќи покажала на владата на СДСМ и ДУИ како се бранат интересите на сопствената држава.
Таа нагласи дека национален интерес на македонските граѓани е да се почитуваат одлуките на Уставниот суд и да се штитат правата на македонските работници во делот на работните часови и траењето на работната недела.
„Национален интерес на македонските граѓани е да не се плаќа петпати повеќе за изградба на километар автопат во споредба со оној кој Македонија претходно го градеше заедно со ЕУ на делницата Демир Капија-Смоквица. Исто така, национален интерес на македонските граѓани е коридорот 8 и 10д да го градат македонски компании и профитот да остане во Македонија. Национален интерес на македонските граѓани е да не се плаќаат повеќе од 300 милиони евра за пенали и аванси на уште нефрлена лопата за проектот. Исто така, национален интерес на македонските граѓани е да се почитува македонското постоечко применливо право и истото да не се суспендира со закон на други држави, како што е предвидено со договорот за изградба на коридорите 8 и 10д. Национален интерес на македонските граѓани е да не плаќа за грешките на изведувачот во проектите. Национален интерес на македонските граѓани е да има квалитетен надзор и супервизија, а не тоа да го прави компанија за производство на долна облека. Национален интерес на македонските граѓани е да не се злоупотребува знамето на Европската унија при носењето на закони со кои треба да се задоволи криминалот на Владата на ДУИ и СДСМ“, рече Митева.
Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека во партијата се сигурни дека заеднички интерес и на амбасадорката Агелер и на македонските граѓани, а во насока на транспарентноста и владеењето на правото договорот што го потпиша македонската влада со изведувачот да биде објавен.
„Во спротивно сме загрижени дека се дава лош пример и се воведува погрешна пракса која за жал од криминалната влада на ДУИ и СДСМ ќе биде злоупотребена“, порача Митева, по силната критика на амбасадорката на САД поради двомесечното свесно уривање на угледот на оваа светска компанија.
„Конзорциумот ‘Бехтел и Енка’ е сериозна светска градежна компанија која изградила бројни репрезентативни објекти низ целиот свет, но ВМРО-ДПМНЕ свесно заради политички поени шири лажни вести“, се надоврза и пратеничката на СДСМ, Даниела Колева.
„Доволно ви кажа шлаканицата што ја добивте од американската амбасадорка Агелер, која ви рече дека сето ова што го правите, сите пречки што ги правите кон најголемиот стратешки проект, се единствено за собирање на политички поени. И самата таа ви кажа колку сериозна компанија е компанијата ‘Бехтел’, дека гради на речиси сите континенти. Но, вие не ѝ верувате на амбасадорката, не верувате на никого, дури не си верувате ниту самите себеси и фрлате сомнеж меѓу народот само за политички поени. Штета и грев е ова што го правите на македонската држава и на целиот македонски народ“, порача Колева.
Инаку, примерот за добро градење на автопат, што го спомена Митева, делницата Демир Капија-Смоквица, од почетокот до крај беше следен со скандали и заврши со обвинение за перење пари од европската агенција ОЛАФ. Случајот за оваа делница беше отворен во ЕУ откако беа изнесени обвинувања од тогашната опозиција дека 96 грчки државјани, неповрзани со изградбата, организирано, со автобуси биле носени во филијала на Стопанска банка за да подигнат големи износи на пари и тоа во кеш.
Грчката компанија „Актор“ го доби проектот за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица, а по завршувањето беше казнета од ОЛАФ со 50 милиони евра поради измама и перење пари. Вкупната инвестиција за изградбата на оваа делница од 28 километри беше 257 милиони евра, од кои 130 милиони евра беа средства од Европската инвестициона банка, 70-тина милиони заем од Европската банка за обнова и развој, 45 милиони е грант од ИПА фондовите на Европската унија, а од државниот буџет беа обезбедени речиси шест милиони евра.
Од 15 изведувачи пријавени во 2011-тата „Актор“ беше избран во, најмала рака, проблематичен процес, односно беа променети условите за избор на најповолен понудувач и со тоа беше елиминирана понуда на италијанска компанија далеку поевтина од онаа на грчки „Актор“. Практично, за еден километ автопат во 2011 година беше договорена цена од околу 10 милиони евра, или два милиони помалку од оваа за „Бехтел и Енка“, иако од тогаш до сега разликата во цените е драматична. (Н.В.)