ВМРО-ДПМНЕ се оградува од хаосот во Скопје, Данела била на СДСМ


 

ВМРО-ДПМНЕ, освен што се скара со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, сега отиде и чекор подалеку – тврди дека таа сега е во „коалиција“ со СДСМ.  Откако ја втурнаа во политиката за да им донесе победа, сега кога почна да покажува колку не знае да работи, се фатија за нивната добро позната одбрана – дека за сѐ е виновна владејачката коалиција, а не нивната партија. 

Така, денес советниците на партијата побараа вонредна седница на Советот на Град Скопје за да се донесе одлука со која ќе се префрлат средства на ЈСП и на приватните превозници за да градот не остане без јавен превоз. 

„Очигледно дека власта на СДС и ДУИ потонаа во медарството на Данела Арсовска. Од многу заедничко медарање скопјани може да останат без јавен превоз. Ете така изгледа кога коалицијата Арсовска, СДС, ДУИ кохабитираат за Скопје. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи неспособното и неодговорно однесување на владата, Град Скопје, градоначалничката и раководството на ЈСП да ги остави граѓаните, студентите, учениците, пензионерите без јавен превоз и како советничка група бараме итна вонредна седница за спас на јавниот превоз, каде ќе доставиме одлука за префрлање средства на ЈСП и приватните превозници“, стои во соопштението на оваа партија на која и нема рамна во Македонија во глумење. 

Од СДСМ пак возвратија дека „заради неспособност, заради тендери и провизии, заради рацете во медот на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, градскиот превоз во Скопје и ЈСП се доведени пред колапс“.
-Наместо бесплатен превоз Скопје е на раб да остане без градски превоз, нешто што досега не само што се нема случено, туку е незапаметено. Вината за овој колапс е целосно во локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во градот Скопје и нивната градоначалничка којашто тие ја промовираа, ја поддржаа и  ја избраа на чело со медарот Христијан Мицкоски. Граѓаните на Скопје не ги избраа советниците од ВМРО-ДПМНЕ, ниту нивната градоначалничка да излегуваат во јавноста и да ја префрлаат вината на кој ќе им текне туку да работат’, пораќаа од советничката група на СДСМ во Град Скопје.