ВМРО-ДПМНЕ се „обврзува“ да ги зголеми платите на универзитетските професори


Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, објавувајќи денеска сет мерки за образованието што ќе ги преземе нивната влада доколку победат на изборите, најави дека редовните универзитетски професори ќе имаат плата од 100.000 денари, вонредните 80.000, а доцентите 60.000 денари. Тој најави и зголемување на платите во основното и средното образование во согласност со колективниот договор. Мицкоски најави дека партијата се „обврзува“ да овозможи најмалку еден универзитет да се најде во првите 1.000 според Шангајската листа за квалитет.

Меѓу другите мерки се намалување на ДДВ од 18 на пет проценти во културата, а и изградба на нови театри во Прилеп, Охрид и Скопје. Мицкоски ја објави и обврската за реконструкција на зградата Музеј на Македонија, посебно нагласувајќи дека тоа би било „согласно современите архитектонски стандарди“ за да направи некаква дистинкција од барокната опседнатост на Никола Груевски.