ВМРО-ДПМНЕ се милитаризира место да се демократизира

Полковник Драган Ковачки е првото високо воено лице кое се вклучува на ваков начин во политиката
ВМРО-ДПМНЕ не се демократизира туку се милитаризира, е впечаток по изборот на полковникот Драган Ковачки за член на Извршниот комитет на оваа партија.
Ковачки е првото високо воено лице кое се вклучува на ваков начин во политиката, како висок партиски функционер, со што ќе отвори врата и за други такви именувања во иднина кои ќе ја внесат војската во политиката, нешто што во западните европски земји е црвена линија на демократијата.
Ковачки во јавноста стана експониран откако ВМРО-ДПМНЕ го предлагаше за технички министер за внатрешни работи пред изборот на Наќе Чулев. Токму фактот дека е дел од военото разузнување беше причина да не пројде кај власта. Тој се појави и на листата на кандидати за пратеници на оваа партија на последните парламентарни избори во земјава.

Ковачки има поминато низ повеќе скалила во АРМ, како што се специјалните сили и другите сектори. Бил командант на Првата механизирана пешадиска бригада, началник на секција за операции и борбена готовност во Првата механизирна пешадиска бригада, раководител на Секторот за воена безбедност и разузнавање во МО, началник на одделение за контраразузнавање во воената служба за безбедност и разузнавање, офицер за разузнавање и вршител на должност началник на секција за безбедност и разузнавање во полкот за специјални операции, офицер за специјални операции и за разузнавање во мисијата „Слобода за Ирак-1“, командир на противтерористички тим и други функции. По ваквата биографија на Ковачки останува активни генерали со униформи да парадираат во политичките партии и Македонија да тргне по патот на Латинска Америка.

Во моментов Ковачки сѐ уште е ангажиран во Армијата и од таму ги критикува активностите на министерката Радмила Шекеринска.

Ковачки како активен припадник на Армијата ги критикува активностите на министерката Радмила Шекеринска

„Јавното декларирање на партиска припадност од страна на високиот воен старешина за кого побаравте став и неговото јавно истакнато членство во највисоки партиски тела е преседан во историјата на Армијата.

Овој чекор на полковникот Ковачки отвара етички дилеми за кои оставаме самиот да даде одговор пред себе, но и пред јавноста која очекува служењето на татковината за кое даваат заклетва сите припадници на Армијата, да биде непристрасно и без партиски влијанија.
Министерството за одбрана и понатаму ќе се грижи Армијата да остане на водечкото прво место според довербата што ја ужива кај граѓаните, што и годинава беше потврдено во истражувањата на јавното мислење. Армијата веќе 28 години грижливо го гради и чува својот углед и нема да дозволиме никакви партиски влијанија  да ја загрозат улогата на чувар на мирот и безбедноста на граѓаните“, изјавија за „Независен“ од Министерството околу партиската функција на Ковачки.
Оттаму не најавија никакви санкции сведувајќи го проблемот на етичка, а не законска основа.
Ковачки беше и еден од фаворизираните кадри на екс-претседателот Ѓорге Иванов кој го именуваше на повисока функција во предизборниот период, нешто што со указ го поништи уште првата недела претседателот Стево Пендаровски. Тој е еден од повеќето разузнувачи блиски до екс-кабинетот на Иванов, кои сега најдоа простор за политичко дејствување преку ВМРО-ДПМНЕ. Ковачки е еден од 18-те нови членови на Извршниот комитет кои треба да помогнат Мицкоски да ја задржи функцијата во ВМРО-ДПМНЕ. (С.Ј.)