ВМРО-ДПМНЕ се чуди: Пендаровски ретерирал и водел антимакедонска политика


 

Откако го славеа два дена како заштитник на народот, Христијан Мицкоски беше „пријатно изненаден“ од ставот на Стево Пендаровски околу референдумот, претседателот на државата пак од ВМРО-ДПМНЕ е оценет дека води антимакедонска политика. Денешната реакција доаѓа откако Пендаровски вчера за Канал 5 изјави дека нема разбирање за референдумот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Пендаровски веќе сериозно го има совладано синдромот на ретерирање кој што го наследи од Зоран Заев. Стево Пендаровски јавно се откажа од македонските национални интереси и интересите на граѓаните, и ја одбра антимакедонската политика и по кој знае кој пат покажа и докажа дека не е на страната на граѓаните, туку е на страната на тесно партиските политички, антидржавни интереси на СДСМ, Димитар Ковачевски и Зоран Заев, како основоположник на сите овие неуспеси на Република Македонија.

Наместо заштитник на државните и националните интереси како што сакаат граѓаните да изгледа и да биде, и да работи нивниот претседател на државата, претседател на Република Македонија како што треба да изгледа, Стево Пендаровски стана соучесник на Ковачевски и негов послушник“, рече портпаролот на партијата Димче Арсовски.

Според него, „граѓаните можат да ја видат антимакедонската страна на Пендаровски на дело. Драстично менување на ставови и биполарно политичко однесување во само неколку денови, може да се карактеризира како политичка незрелост за заземање став за крупни и важни политички прашања“. Но и дека сѐ уште имал шанси да се поправи.