ВМРО-ДПМНЕ сака и да нема заразени, и да нема полициски час


ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со предложената мерка за целосен полициски час за време на продолжениот викенд, соопштија од партијата.Според нив, нелогично е да се најавува дека рестораните ќе работат од вторник, а да е задолжително седење дома за време на целиот продолжен викенд.

„Со други зборови недела и понеделник за Владата на СДСМ е опасно, а вторникот не е. Според кои критериуми е донесена ваква препорака? ВМРО-ДПМНЕ сметаше дека е престрога мерката и за целосен полициски час за празникот Велигден, и сега кога е празникот Бајрам. На овој начин се нарушуваат човековите слободи и права“, велат од партијата.

Тие го обвинуваат СДСМ дека со вакви мерки си игра со чувствата на граѓаните, провоцира тензии меѓу населението и ја става полицијата во непосакувана улога. Аналитичарите наклонети на опозицијата тврдат дека со новиот дводневен карантин за време на Рамазан власта сака да го намести министерот за внатрешни работи Наќе Чулев да дојде во судир со тие што нема да ги почитуваат мерките бидејќи им е Рамазан, сугерирајќи дека и литијата во Струга била таква провокација која требало да доведе до интервенција на МВР, случно како и настанот во Синѓелиќ.

За разлика од ова соопштение, пак, во останатите опозицијата постојано го обвинува СДСМ дека ги става граѓаните во ризик бидејќи инсистира на избори, а ситуацијата со коронавирусот не е смирена.

Вчера министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека Комисијата за заразни болести ѝ предлага на Владата карантинот за време на продолжениот викенд да трае од 19 часот в сабота до 5 часот во вторник. Одлука од Владата сè уште нема.