ВМРО-ДПМНЕ реагира: Абази го спаси Филипче


ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, имал директна одговорност за поставувањето на модуларните болници за време на ковид кризата, дека не потпишал технички спецификации и не бил изработен елаборат за електричната инсталација, а  тетовскиот објект бил поставен над резервоар на бензинска станица.

„Ислам Абази го спаси Филипче“, изјави портпаролот Валентин Манасиевски, обвинувајќи дека предметот со години бил во различни фази на постапување и дека со неговото затворање се заштитуваат поранешни функционери.

Од партијата посочуваат дека предметот првично го водела Вилма Русковска, а потоа бил преземен од Елизабета Јосифовска. Манасиевски оцени дека сега, по одлуката на ОЈО ГОКК, одговорноста за случајот повторно останува отворено политичко прашање. Тој додаде дека затворањето на истрагата не значи дека постапката во иднина не може повторно да биде отворена доколку се појават нови докази. 

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК), по пет години од отворањето на предметот, денес го затвори во предистрага и не најде никаков криминал во изградбата на овие помошни болници, откако во една во Тетово изгореа 14 пациенти.

Роднините на загинатите, но и од ВМРО-ДПМНЕ, бараа одговорност и од поранешниот министер за здравство Венко Филипче и поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев,  фирма одговорна за изградба на модуларните. На прашањето на новинарите дали воопшто во Обвинителството се води предмет за Анѓушев, кој е на американската црна листа, рекоа дека предмет нема.

Тетовскиот суд минатата година ги прогласи Флорин Бесими и Артан Етеми за виновни и ги осуди на по 1,5 години затвор за пожарот во Модуларната болница во Тетово.  Обвинението против нив е сериозно прекршување на јавната безбедност, за неинсталирање противпожарни апарати. Покрај двајцата директори на болницата, и самата Тетовска клиничка болница беше прогласена за виновна како правно лице, при што доби парична казна од еден милион денари.Обвинителството утврди дека спој на кабел поради вклучен дефибрилатор било причината за пожарот. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија на продолжителниот кабел, на кој биле прикачени повеќе уреди.