ВМРО-ДПМНЕ работи на богатење на елитите: Интервју со Венко Филипче
Владата дозволи неконтролиран „грабеж“ на семејствата, го поттикна зголемувањето на цените, а ништо не направи да го спречи, вели лидерот на СДСМ
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, тврди дека најголем дел од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ во кампањата останале само празни зборови. Во интервју за „Независен“ за тоа што ја очекува Македонија во 2025 година, Филипче вели дека кампањата на сега владејачката партија била базирана на лаги и дека граѓаните веќе почнувале да ја „чувствуваат тежината на тие лаги“. Тој нагласува дека досега не разговарал со премиерот Христијан Мицкоски за начинот како Македонија би излегла од ќор-сокакот околу уставните измени и дека е подготвен да разговара за тоа. Филипче одговара на прашањата зошто работниците на последните избори се оддалечија од СДСМ, за дистанцирањето на партијата од ДУИ, за политиките на Владата во изминативе седум месеци, за промените во СДСМ и тврди дека доминатната позиција на премиерот Мицкоски во политката ќе ја парализира демократијата во државава.
Што очекувате од 2025 година? Mинатата година беше тешка за СДСМ, по поразот избра и ново раководство. Дали проблемите оваа година ќе бидат поголеми за вашата партија или за државата?
Посакувам 2025 да биде подобра година на секое поле. Што се однесува до владата, моите очекувања се скромни. 2024 беше година на застој и назадување на речиси сите полиња. Владата на ВМРО-ДПМНЕ не само што не ги исполни своите ветувања, туку покажа целосна неспособност да ги адресира клучните предизвици со кои се соочуваат граѓаните.
На економски план, 2024 година беше обележана со целосно неконтролирани зголемувања на цените во маркетите, што претставуваше силен удар врз финансиите на граѓаните. Наместо да реагира и да ја заштити куповната моќ на македонските семејства, Владата дозволи овој „грабеж“ да се одвива пред нејзините очи и тоа со целосна поддршка и пасивност на премиерот Христијан Мицкоски. Се проценува дека десетици милиони евра се одлеани од џебовите на граѓаните во интерес на големите трговски синџири.
Наместо економска стабилност и подобрување на животниот стандард, граѓаните добија стагнација на платите, зголемување на трошоците за живот и длабока економска несигурност. Ова е јасен показател за неспособноста на Владата да управува со економијата во интересна граѓаните, туку со своите политики служи на интересите на малцинството – на бизнисите кои профитираат на штета на обичните граѓани. Платите, кои постојано растеа седум години по ред, сега застанаа, а разликата меѓу приходите и трошоците на граѓаните никогаш не била поголема.
Во останатите области, сликата е исто така е лоша. ВМРО-ДПМНЕ која дојде на власт со големи ветувања за деполитизација и департизација, во пракса спроведува сурова окупација на институциите. Наместо компетентност, на чело на клучни институции гледаме партиски кадри, братучеди и блиски роднини. „Мерит системот“ на Мицкоски е всушност партиска книшка како главна квалификација за било какво вработување. Во здравството и образованието, состојбата е исто така алармантна.
На крајот од годината, јасно е дека најголем дел од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ останаа само празни зборови. Кампањата што ја водеа беше базирана на лаги, и граѓаните веќе почнуваат да ја чувствуваат тежината на тие лаги. Ако Владата продолжи со истите политики во 2025 година, состојбата само ќе се влоши.
Што се однесува до СДСМ, минатата година беше година на големи промени. Поразот на изборите беше аларм дека мора да се смениме – и тоа го направивме. Консолидирањето на партијата, кое го завршивме во декември, беше првиот чекор. Сега СДСМ започнува офанзива за враќање на довербата кај граѓаните.
Пред нас е важен период во кој ќе работиме напорно за да покажеме дека сме подготвени за вистински промени. За мене, најважно е да го промениме начинот на комуникација со граѓаните. Ќе бидеме присутни, ќе слушаме и ќе работиме за нив и верувам дека резултатите ќе дојдат.
Некои поранешни партиски функционери изразуваат големо незадоволство од состојбите во СДСМ. Колку тоа влијае во партијата?
Во изминатиот период најголем дел од мојата енергија и време ги посветив на лични разговори со сите поранешни партиски функционери, членови и луѓе кои некогаш биле важен дел од СДСМ. Партијата е најсилна кога сите сме обединети и работиме заедно за заедничка цел. Токму затоа разговарам со сите за да најдам начин за соработка – не заради мене, туку заради доброто на СДСМ и граѓаните кои ја поддржуваат нашата визија.
На сите им е подадена рака и е отворена вратата за дијалог и соработка. Драго ми е што мнозинството од поранешните функционери ја прифатија оваа иницијатива и сега работиме заедно на зајакнување на партијата. Имам исклучително добра соработка со многумина и тие докажуваат дека личниот интерес не е поважен од доброто на партијата.
За жал, има мал број поранешни функционери кои одлучиле да стојат настрана. Некои од нив се надеваат дека СДСМ ќе оствари лош резултат на локалните избори, па тие ќе можат политички да профитираат или да бараат одговорност од актуелното раководство. Овој пристап е нечесен, нефер и пред сè штетен – не за мене или раководството, туку за партијата и сите граѓани кои ја поддржуваат СДСМ.
Оние кои решиле да не помогнат во најтешките моменти и да стојат настрана заради свои лични калкулации, прават голема грешка. Одговорноста за евентуалните последици нема да падне на оние кои работат и се борат за успехот на СДСМ, туку токму на оние кои одлучиле да ја поткопуваат партијата од внатре.
Мојот повик останува ист, заедно сме посилни и само преку единство можеме да го вратиме СДСМ на врвот. Сите кои искрено сакаат да придонесат се добредојдени, а времето ќе покаже кој бил посветен на интересите на партијата, а кој на своите лични амбиции.
Резултатите од последните избори покажаа дека СДСМ изгуби два големи сегменти од избирачите – работниците и луѓето од ниската и стандардната средна класа. Минималната плата беше значајно зголемена, просечната плата растеше со стапки непознати последниве 15-ина години, недела беше озаконета како неработен ден… Па, сепак, работниците во најголем дел не гласаа за СДСМ. Разбравте ли зошто партијата отиде во празен од во однос на работниците?
Не треба да заборавиме дека СДСМ ја водеше државата низ еден од најтешките економски периоди во модерната историја, кога економиите низ целиот свет се соочуваа со криза и колапс. Во такви услови, успеавме да го заштитиме стандардот на граѓаните со искрени и одговорни политики кои беа насочени и кон работниците, но и кон компаниите. Зачувавме десетици илјади работни места и покажавме дека нашата главна цел е секој граѓанин да биде економски заштитен.
Од денешна перспектива, станува јасно колку нашите политики беа суштински различни од сегашните на ВМРО-ДПМНЕ и верувам дека дури сега граѓаните ќе препознаат колку сме вложиле во нивниот стандард. Нашите мерки беа насочени кон граѓаните, додека политиките на ВМРО-ДПМНЕ се целосно насочени кон богатење на елитите. Едноставно е неверојатно дека денес, кога сите големи економски кризи се зад нас, Владата на ВМРО-ДПМНЕ на „чист економски терен“ спроведува политики што буквално ги осиромашуваат граѓаните.
За жал, СДСМ можеби не успеа доволно да го комуницира концептот на системски раст на платите и пензиите што го воспоставивме. Седум години работевме на создавање модел на деполитизиран и одржлив економски раст преку јасна методологија. Тоа значеше дека платите, пензиите и социјалната помош ќе растат независно од тоа кој е на власт. Ова беше вистинска реформа, вистинска деполитизација.
И што направи Мицкоски? Едноставно го уништи тој систем. Наместо одржлив раст заснован на јасни правила, сега се враќаме на праксата на изборно купување гласови. Пензии и плати ќе се покачуваат само кога ќе му биде политички удобно, без никаква методологија или систем. Тоа го направи со пензиите, и тоа ќе го прави со платите. Ова е клучното економско назадување што го видовме во овие седум месеци.
Како опозиција, СДСМ продолжува да работи во интерес на работниците и сите граѓани. Сите наши предлози за намалување на цените, за раст на платите, за креирање подобар буџет преку над 200 амандмани беа одбиени од ВМРО-ДПМНЕ. Овие беа конкретни политики кои ќе го подобреа животниот стандард на македонските семејства. Но, ВМРО-ДПМНЕ избра други приоритети. Очигледно е дека граѓаните и нивната подобра живеачка не се нивни фокус.
Сепак, времето ќе го покаже вистинското лице на оваа Влада. Пропагандата што ја пласираат денес не кореспондира со реалноста, и тоа граѓаните многу брзо ќе го увидат. Што подолго остануваат на власт, толку повеќе ќе биде јасно дека нивните ветувања беа само празни зборови.
Граѓанскиот сектор беше дел од платформата на левичарскиот и либералниот политички сегмент во првите години по Шарената револиција. Тој сектор сам не може да донесе победа на кои било избори, но може да конципира прогресивни политики. И тоа само ако одредена партија не се обидува да ги стави под својот политички чадор. Каква е вашата стратегија за повторно приближување кон оние кои се оддалечија од вас за да не се почувствуваат измамени?
Не сум сигурен дека зборот „приближување“ е најсоодветниот термин за да се дефинира односот меѓу граѓанскиот сектор и политичките партии, вклучително и СДСМ. Граѓанскиот сектор е еден од столбовите на секое здраво демократско општество, но токму неговата независност го прави толку значаен. Наместо да се обидуваме да го ставиме под „чадорот“ на СДСМ, нашата задача е да создадеме простор каде што граѓанските организации слободно ќе го изразуваат својот став и ќе влијаат врз креирањето на политиките во државата.
Во новата политичка реалност, каде што првичните чекори на новата Влада покажуваат авторитарни тенденции, независноста и слободниот глас на граѓанскиот сектор стануваат уште поважни. Задушувањето на слободната мисла и јавното делување може многу брзо да стане реалност, а нашата обврска како СДСМ е да се бориме за зачувување на тој простор. Ќе бидеме сојузници на граѓаните и организациите во оваа борба, за да го заштитиме правото на слободна критика.
Кога станува збор за политиките, искрениот и транспарентен дијалог ќе биде основата на нашиот пристап. Идеите и предлозите на граѓанските организации ќе бидат добредојдени во креирањето на нашите програми. Потребна е искреност, ненаметливост и взаемна почит за да ја вратиме довербата што можеби е изгубена во изминатите години.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека додека тој ја води владата и ВМРО-ДПМНЕ вакви уставни измени нема да прифати и дека ќе чека предлог од Брисел за кој би разговарал. Каде би ја ја одвело тоа Македонија доколку ставот на еден политичар, па макар е и премиер, ја одредува и иднината на државата?
Ставот на еден политичар, па макар и бил премиер, не смее да биде поважен од интересот на државата и граѓаните. Реалноста е дека мнозинството граѓани даваат поддршка за ЕУ интеграциите, а ВМРО-ДПМНЕ вети дека ќе најде начин како тоа да го направи. Ветуваа дека со мудра дипломатија ќе ги продолжат преговорите, но со нови, подобрени услови и дополнителни гаранции.
За жал, засега гледаме само повремени изјави од владини претставници за подобрување на нашата преговарачка позиција, но никаква слична порака не доаѓа од официјалните европски претставници. Јас во повеќе наврати истакнав дека недвосмислено го поддржуваме секој напор на Владата во насока на обезбедување попредвидлив и посигурен пат во интегративниот процес. Делувавме и ќе продолжиме да делуваме конструктивно по однос на ова прашање. Спремни сме да споделиме искуства за тоа што ние се обидовме да го обезбедиме дополнително како гаранции, но не можеше да се реализира во тој временски период. Ако се сеќавате, предложивме затворена седница во Собранието и понудивме политичка поддршка, но Владата тоа го одби.
Факт е дека е голема штета е што Албанија отиде напред, а ние заостанавме. Ова дополнително ги комплицира состојбите и во регионот. Верував дека ВМРО-ДПМНЕ има подготвен план за да не се случи ова раздвојување, но тоа се покажа како неточно.
Дали премиерот разговарал со вас како лидер на опозицијата за тоа што би била прифатливата рамка во која Собранието би го почнало процесот на уставни измени? Дали воопшто се се сретнале со премиерот да разговарате на кој начин би можела Македонија да излезе од ќор-сокакот?
Не сме разговарале со премиерот и секако дека би разговарал на оваа важна тема. Ние токму тоа го бараме, да бидеме информирани како се одвиваат работите за да може да дадеме целосна поддршка и да застанеме зад тој план ако истиот е реален и остварлив. Очигледно премиерот засега нема таков план на маса, иако има многу најави и шпекулации по ова прашање.
Обвинувањата за корупција ги одбележаа последните 3-4 години од владеењето на СДСМ. Приказните за корупцијата беа дел од секојдневните изјави на амбасадорите на САД, ЕУ и други европски земји. И со тоа беше поплочен патот за поразот на СДСМ. Дали корупцијата го изеде СДСМ или тоа беше само дел од приказната за замореноста и неснаоѓањето на тогашните политички структури?
Корупцијата е реален и сериозен проблем со кој Македонија се соочува со децении. За жал, и во времето на СДСМ, дел од институциите не успеаја да се справат со овој предизвик. Јасно е дека, покрај другите слабости, корупцијата го засени напредокот што го постигнавме во многу области, како што се зголемувањето на платите, развојот на инфраструктурата и унапредувањето на работничките права.
Сепак, не смееме да заборавиме дека токму додека СДСМ беше на власт, високи владини функционери беа процесуирани. Институциите кои се задолжени за борба против корупцијата слободно работеа и постојано покренуваа случаи. Ова е јасен доказ дека создадовме услови за институциите да функционираат независно. За да се превенира и расчисти корупцијата, најважно од сè е да постојат слободни институции и реформи кои ќе овозможат тие институции да ја завршат својата работа. Ќе видиме дали оваа Влада ќе работи во таа насока, но првите сигнали се многу негативни
Доколку постапките се водат транспарентно, професионално и исклучиво согласно законот, секој што направил криминал или подлегнал на корупција мора да одговара. Но, зад плаштот на борбата со корупцијата никако не смее да се дозволи политички прогон или селективна правда. Таквите методи само дополнително ќе го ослабат кредибилитетот на институциите и довербата на граѓаните.
Владата наполни седум месеци. Во овој период јавноста најмногу се занимаваше со унгарскиот кредит, а последниве месеци со ставањето на Артан Груби на црната листа и неговото бегство. Премиерот Христијан Мицкоски, објективно, е во целосно доминантна позиција во државава. Од него зависи речиси сѐ. Има ли нешто од кое би биле задоволни како владата раководи со државата?
Во изминатите седум месеци, Владата на Мицкоски покажа дека е неспособна да се справи со основните предизвици што ги има државата. Единственото „исполнето“ ветување е тоа што ДУИ е во опозиција, но дури и тоа е само привид. Четири пати ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ заедно гласаа клучни закони во Собранието, а јавноста уште чека одговори зошто мистериозно не работеа камерите кога избега Артан Груби. Зошто токму човек кој е поставен од Тошковски го пропуштил Груби на границата. Сѐ повеќе личи дека постои скриен сојуз за заштита на клучните луѓе во ДУИ.
За седум месеци, граѓаните не видоа ниту една реформа, ниту една мерка што реално ќе го подобри животниот стандард. Трошоците за живот експлодираа, економијата е во стагнација, а граѓаните се оставени сами на себе. Владата покажа дека нема ни визија, ни стратегија, туку само популистички потези со кои се обидува да го купи времето на граѓаните.
Оптимизмот што постоеше меѓу граѓаните пред само неколку месеци, сега целосно исчезна. Луѓето очекуваа промена – добија само бледа копија на Владата на ВМРО-ДПМНЕ од нивниот последен мандат. Граѓаните добија Влада која го повторува најлошото од минатото.
Што се однесува до „доминантната позиција“ на премиерот, тоа е резултат на страв и контролирање, а не на способност. Ваквиот пристап ќе ја парализира демократијата и ќе ја уништи вербата на граѓаните во институциите. Но, Мицкоски заборава дека оваа позиција на „доминација“ е само илузија. Граѓаните не можат долго да се лажат. Тие ќе побараат одговорност, и тоа порано отколку што Владата очекува.
Што мислите, како ќе заврши скандалот со дипломата и сетификатот за англиски јазик на директорот на АНБ, Бојан Христовски. Но и другиот скандал со функционерот на ВМРО-ДПМНЕ сликан со убиена мечка?
Владата произведе серија скандали во рекордно краток период, а досега не видовме политичка и правна одговорност за ниту еден од нив. Тие ветуваа одговорност и транспарентност, но очигледно тоа не важи кога станува збор за нивните функционери.
Скандалот со дипломата и сертификатот на Бојан Христовски е уште еден доказ дека непотизмот и непрофесионалноста го разоруваат нашиот безбедносен систем. Ова не е само прашање на лична одговорност – ова е показна вежба за тоа како ВМРО-ДПМНЕ ги крши законите за да ги партизира најчувствителните институции. Тврдењето дека Христовски поседува НАТО сертификат е ноторна манипулација. Тоа е сертификат кој го издава домашна институцијата, а не НАТО. Како може граѓаните да веруваат во институции кои се водени на ваков начин?
Но, најзагрижувачко е молкот на независните институции. Тие што беа најгласни за време на Владата на СДСМ сега како да се парализирани. Ги гледаме овие институции како тивки и бавни, што покажува дека Владата сака да го сузбие секој механизам за институционална контрола. Ова не е случајност туку планирани чекори за уништување на интегритетот на институциите. Очигледно, институционална одговорност за овие случаи ќе биде многу тешко да се обезбеди во вакви услови.
Новото раководство на СДСМ, освен неколкумина е многу непознато за јавноста. Можеби новите луѓе ги знаат во партиските структури, но нивните политички елаборации треба да привлечат гласачи, а не партиски активисти. Како оди нивното вмрежување со партиската база?
Раководството на СДСМ од првиот ден започна со јасна цел, да ја врати довербата кај граѓаните и да создаде партија која е целосно ориентирана кон решавање на нивните реални проблеми. На сите нивоа на партијата избираме луѓе со интегритет, професионалци кои со своето искуство и знаење можат да донесат вистински промени. Ова е суштинска трансформација на партијата.
Нашата работа започнува од партиските темели односно обновување на врската со членството и јакнење на внатрешните капацитети. Наша крајна цел, секако, е да излеземе надвор од границите на партиските структури и да допреме до секој граѓанин кој има чувство дека не е слушнат, дека е разочаран или дека актуелната Влада не му нуди решенија.
Пред нас е значаен период на теренска кампања низ целата држава. Ќе покажеме дека сме тука за работниците кои се соочуваат со сè поголеми трошоци за живот, за младите кои бараат иднина во својата земја, за сите кои сакаат да придонесат со своето знаење и идеи, за секој граѓанин кој сака промени, но се сомнева дека тие се можни. Мене ми е јасно дека довербата не се враќа преку ноќ. Но преку нов пристап верувам дека ќе ја зајакнеме довербата не само кај членството, туку и кај пошироката јавност.
Со ДУИ не би сакале повторно да ве поврзауваат поради големата стигма за корупција со која е обележана оваа партија. Другите партии од албанскиот блок се во владата. Со кого од албанските партии на подолг рок би можеле да имате слични политички гледишта и да соработувате?
СДСМ никогаш повеќе нема да дозволи да биде ставен во истата рамка или да биде подреден на било која партија, особено не на ДУИ. Коруптивната стигма која со години ја носи оваа партија е нешто од што јасно и недвосмислено се дистанцираме. Нивната реторика и постојаното подигање на етнички тензии како алатка за политичко делување е неприфатлива и опасна. Таквите политики немаат место во нашето мултиетничко општество. Македонија мора да оди напред како заедничка држава за сите граѓани, а не како заложник на политички игри засновани на поделби.
За жал, ДУИ продолжува со овие практики, а ВМРО-ДПМНЕ само профитира и ја подгрева ситуацијата. Иако јавно ги осудуваат и тврдат дека се во конфликт, нивната неформална соработка е повеќе од очигледна. Ваквата комбинација на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ отсекогаш резултирала со политичка нестабилност, нарушување на меѓуетничките односи и отсуство на реформи. Последните настани, како инцидентите на Денот на албанското знаме, се директен резултат на ваквата политика на поделби и провокации. Ова не е патот што Македонија треба да го оди. Наместо да зборуваме за економски напредок, интеграција во ЕУ и подобар живот за граѓаните, постојано се враќаме на теми кои создаваат тензии и конфликт. Ова е штетно за сите, без разлика на етничката припадност.
Што се однесува до соработката со албанските партии во иднина, таа ќе се темели на заеднички вредности и јасни принципи. СДСМ ќе работи со партии кои ги споделуваат нашите заложби за транспарентност, реформи и градење политики кои ги обединуваат граѓаните, а не ги делат. Нема да дозволиме етничките прашања да се користат како алатка за прикривање на корупцијата или неспособноста.