ВМРО-ДПМНЕ протестираше низ Македонија

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва со автомобили одржа протести во неколку градови во државата поради ставовите на премиерот Зоран Заев изнесени во интервјуто за БГНЕС. Антонијо Милошоски од протестот во Велес го повика премиерот Зоран Заев  да поднесе оставка, а потпретседателот на партијата, Владо Мисајловски на протестот во Куманово порача дека никој не смее да тргува со нашиот идентитет, јазикот и кумановците.

„Овде имало многу луѓе што се бореле за Македонија, овде лежат многу коски на многу херои на Костурница, но се разбира и многу борци што се родиле но и поколенија што останале во Куманово и што се гордеат со овој град. Не може некој со изјави макар бил тој премиер на држава да се потсмева. Не може да се заборави секоја една капка крв што паднала во Куманово за борбата против фашистите, против окупаторот , а се разбира било за слободна Македонија. Затоа драго ми е што во Куманово се собираме да направиме протест но ги охрабрувам насекаде во државата, не само општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ туку сите граѓани да ни се приклучат дали со нивните возила, дали на било каков друг начин да посветат малку време да ја покажат нивната пркост бидејќи промените започнуваат од секој еден од нас“, рече Мисајловски.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски од протестот во Охрид порача дека историјата не може да биде прашање за кое што ќе се договараат двајца лидери на две држави, бидејќи не се решава со два потписи.

„Остро се спротивставуваме на договорот со Бугарија и укажуваме дека веднаш треба да се прекине. Суверинитетот на една држава се добива со признавање на другите држави. Ние сме признаена држава, меѓудругите и од Република Бугарија. Ама со добивањето на суверенитетот се добива и внатрешното уредување како да си го направи државата. Ние самите можеме да одлучиме за јазикот, може да одлучиме за историјата, за какви учебници во образование ќе имаме“, рече тој.

Во Кавадарци се обрати Рашела Мизрахи која рече дека Заев треба да знае оти никој нема мандат да ја допира нашата историја, јазикот и нашиот народ.

Во Битола  беше Владимир Ѓорчев, кој пак, рече дека Македонија се буди, се ближи крајот на лошите политики на Заев кои и наштетуваат на земјава.

„Повод за овој протест кој што го имаме во Битола денес е општото огромно незадоволство кое што владее во Македонија од политиките, изјавите и постапките на Зоран Заев. Значи, она што се случува во Македонија е навистина еден изворен и оправдан револт. Македонија никогаш не била попонижена. Македонија никогаш не била поопљачкана. И затоа Македонија се буди. Ова не е само партиски контекст, ова е општонароден контекст, ова се сите луѓе кои што силно, силно ја сакаат и ја љубат Македонија“, изјави Ѓорчев од Битола.

За утре во 12.30 часот е најавен помасовен протест во Скопје кој треба да финишира пред владата.