ВМРО-ДПМНЕ продолжува со нападите против Демократски сојуз
По одредено затишје ВМРО-ДПМНЕ последниве неколку дена повторно почна со нападите на Демократски сојуз и неговиот лидер Павле Трајанов, обвинувајќи го дека бил приврзок на СДСМ. Тие денеска пак зборуваа за работењето на „Градски паркинг“ во Скопје, чиј директор беше кадар на ДС.
„Приврзокот на власта, Павле Трајанов, очигледно својата верност на СДСМ ја наплатувал со самоволие во ЈП ‘Градски паркинг’, каде се вработувани партиски функционери на Демократскиот сојуз, нивни роднини, кумашини, блиски, каде на располагање им биле оставени канцеларии, службени мобилни, службени автомобили, да функционираат како клон на партиското седиште. Притоа да имаат комоција да тргуваат со влијание, со години да нудат и обезбедуваат бесплатен паркинг во Скопје“, рече портпаролот на партијата Наум Стоилковски.
Според, него ни Демократски сојуз ни Павле Трајанов немале ништо автентично, „ниту збор за сите кризи коишто ја разоруваат Македонија“ и дека единствено ги интересирало дали ќе има промена на изборниот законик.