ВМРО-ДПМНЕ предлага пион на олигархијата во Карпош, вели Филипче
Претседателот на СДФСМ вечерва беше на митинзи во скопските општини Карпош и Центар

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска попладнево беше на митинзи во скопските општини Центар и Карпош, каде што беа претставени кандидатите за градоначалници и советници.
Тој во Центар рече дека ВМРО-ДПМНЕ зборува за загари и орли додека младите се селат. Филипче испрати порака дека жално е што зад црната кампања не се крие само неспособна власт, туку власт која не сака напредок, не сака дијалог и не сака компромиси. Тој исто така рече дека ВМРО-ДПМНЕ со ваквото владеење е непријател на државата.
„Тоа е власт која се храни и одржува од внатрешни поделби, од сиромаштија која ја контролира со корупција и од хаос во кој се создава апатија. Ова е целта. Но јас во нивната кал нема да влегувам, туку ќе продолжам да ги разобличувам. Нека се препелкаат во национализмот, во лажниот патриотизам и во својата неспособност самите тие. Ги слушам, едните биле загари и орли, другите за врапчиња и што уште не. Театар за деца“, рече Филипче.
Зборувајќи во Карпош тој рече дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, тој рече дека глас за него „е глас за уште еден пион на олигархијата, кој ќе работи под директна контрола на Мицкоски и на оние кои го плаќаат“.
Тој рече дека СДСМ за разлика од ВМРО-ДПМНЕ нуди кандидати со јасен интегритет и визија за граѓаните и од карпошани побара да размислувуваат како што најдобро знаат и да донесат правилна одлука на локалните избори. И нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ има план за бетонизација на општината.
„И да не биде дека не сме кажале да знаете дека целта на ВМРО-ДПМНЕ е бетонизација на потегот од салата ‘Борис Трајковски’ до мостот на Влае”, нагласи Филипче.
Во своето обраќање, Филипче истакна дека институциите се урнисани и партизирани, судството е заробено, јавниот интерес е последен на листата на интереси на Мицкоски.
„По година и пол власт, немаат со што да се пофалат и се занимаваат само со мене и со СДСМ. Мицкоски не е излезен од филмот на опозиција ни по година и пол власт. Но тоа е така затоа што е неспособен, неодговорен и пред сè, разоткриен манипулант“, нагласи Филипче.
Карпош е нашиот дом, нашите улици, дворови, училишта, спомените од детството и надежите, порача Маја Мојсова-Мијовска, кандидат за градоначалничка на Карпош од СДСМ, најавувајќи визија за нов почеток и суштинска промена во начинот на функционирање на општината.
Таа нагласи дека Карпош се соочува со реални проблеми кои повеќе не смеат да се игнорираат: загаден воздух, дупки по тротоарите, диви депонии, сообраќаен метеж, темни улички, преполните паркинзи, оштетени јавни површини, недостиг на зеленило и простор за децата, нефункционална инфраструктура.
Кандидатката за градоначалник на Скопје, Каја Шукова рече дека тоа „не е само лична кампања, ова е заедничка мисија да изградиме модерно, чисто и функционално Скопје, град што ќе биде наш дом, а не извор на секојдневни нервози,“ изјави Шукова
Таа остро се осврна на неуспесите на актуелната градска власт, истакнувајќи дека четири години граѓаните живеат без основни услуги: „Немаме редовно подигање на сметот, немаме вода во високите зони, јавниот превоз е нефункционален, а парковите и улиците се запуштени. Градот го претворија во џунгла“.
Шукова најави целосна реорганизација на јавните претпријатија и обновување на постојната инфраструктура. За Карпош најави неколку клучни инфраструктурни проекти: изградба на нов мост, близнак на „Обединети нации“, со шест коловозни ленти и велосипедски и пешачки патеки; поврзување на булеварите „Словенија“ и „Никола Карев“ со современо сообраќајно решение; продолжување на булеварот „Словенија“ до Ѓорче Петров – нова артерија долга 4,5 километри што ќе го поврзе западот и северот на градот; и конечно ставање во функција на мостовите „Михаило Апостолски“ и „Љубљанска“.
„Ќе воведеме ‘Зона 30’ во густо населени делови, ќе поставиме ЛЕД осветлување, нови велосипедски патеки“, додаде Шукова.