ВМРО-ДПМНЕ прави раздор во малите партии за да дојде до избори

На Мицкоски му се брза многу - се откажува и од техничка влада, и од стоте дена преоден период и ќе разговара за една изборна единица, само да има брзи избори


 

ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да оди на предвремени парламентарни избори без техничка влада, и со тоа изборите да можат да се распишат во најкраток можен рок, без услов од 100 дена. Така, според оваа партија, ќе се заштеди на време и новата влада ќе може бргу да почне да се справува со предизвиците пред кои е исправена државата. ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да разговара и за барањето на помалите партии кои бараа една изборна единица.

„Подготвени сме и до Собранието ќе доставиме измени на Изборниот законик, во кои нема да има техничка влада, односно сто дена губење време на граѓаните, туку ќе го користиме оној уставен рок од 45 до 60 дена“, рече Христијан Мицкоски.

Тој му порача на СДСМ дека прифаќа да останат нивните министри за внатрешни работи и за труд и социјала и дека ВМРО-ДПМНЕ нема да предложи заменици министри во земјоделство, финансии, во информатичко општество, само за да одржат предвремени парламентарни избори.

„ЛДП, ДОМ и ДС треба само да смогнат сили и да им кажат не на нивните раководства кои ги држат во влада за неколку директорски места или вработување на роднини на истите. Владата со која управува ДУИ, а Ковачевски е само вршител на должност премиер, не може да ја избави државата од ниту една од четири кризи во кои ја втурна токму оваа гарнитура на политичари. Потребни се брзи предвремени избори и одговорна влада која ќе знае да се справи со проблемите“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Од малите партии пак  порачаа дека им е драго што го менуваат ставот за една изборна единица, но не гледаат причина за предвремени избори.

„Драго ми е дека ВМРО-ДПМНE го смени ставот за една изборна единица. Ова е позитивен исчекор, но сега уште помалку гледам причина за предвремени парламентарни избори“, изјави  за „Слободен печат“ Маја Морачанин, претседателка на ДОМ.

И другите помалите партии го поздрaвија ставот на Мицкоски дека е подготвен да разговара за промена на изборниот модел од шест во една изборна единица, но му порачуваат дека не ја менуваат страната. Тие идната недела ќе иницираат средби со претседателот на Собранието Талат Џафери и со координаторите на СДСМ и ДУИ, Јован Митрески и Арбр Адеми, за промена на изборниот модел. 

Морачанин потсети сепак дека ова барање е од пред неколку години и дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ претходно во Собранието го блокирале со 3.000 амандмани. Лани во март повторно доставиле предлог за измени на изборниот модел и за отворени листи, но досега Џафери не отворил расправа за тоа. Претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, посочи дека во приоритетите на новата владина програма со новиот премиер Димитар Ковачевски се предвидени реформи на изборното законодавство, односно анулирање на системската предност на четирите големи партии на изборите, како и една изборна единица без праг и пропорционален изборен модел.

„Ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Идната недела ќе иницирам средба со претседателот на Собранието и со координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески за да ги усогласат ставовите со ДУИ. Добро би било ВМРО-ДПМНЕ да прифати една изборна единица и со тоа би се постигнал консензус за измени на Изборниот законик. Ќе иницирам средба и со лидерот на ДУИ Али Ахмети или со координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбр Адеми. Но Демократскиот сојуз не учествува во никакви активности на опозицијата. Не сме дел од нивниот процес ниту учествуваме во пазарења за промена на мнозинството или во иницирање предвремени избори“, вели Трајанов.

ДУИ и натаму не открива дали за нив е прифатлив предлогот за една изборна единица, додека партијата на Ахмети не е против укинување на техничката влада. Од ДУИ велат дека и да има и да нема техничка влада, премиер Албанец во последните 100 дена на владата ќе има. 

Од СДСМ пак сите овие изјави на Мицкоски ги нарекоа „пуста желба за власт“. Тие порачаа дека новата Влада ќе го заокружи мандатот до 2024 година и дека легитимитет го црпат од резултатите на парламентарните избори во 2020 година.

„На тие парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ и нејзините политики беа поразени. Од тие избори па до денес партијата предводена од Мицкоски ка не понуди ништо ново, ништо различно од тоа што го нудеа тогаш. Барањето за брзи избори го покажува стравот на Мицкоски дека веќе се гледа неспособноста на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ, но и стравот од пресуди во судските процеси кои се водат против функционери од оваа партија. Предвремени парламентарни избори нема да има, граѓаните се уморни од постојани избори, а оваа Влада предводена од СДСМ ќе го заокружи целиот мандат, нешто што не се случило повеќе од 15 години“, порачаа во реакцијата СДСМ.

Дури и да сакаат СДСМ избори во ДУИ  нема такво расположение, а нив никој не може да им го спори легитимитетот на последните избори. Извори од ДУИ велат дека нема што да добијат повеќе на избори од ова што го имаат сега, односно толкав голем број на пратеници и толку важни функции во Владата и другите институции така што кој би бил нивниот интерес да поддржат предвремени избори. (Н.В.)