ВМРО-ДПМНЕ прашува зошто му е државно обезбедување на Венко Филипче


Фото: Б.Грданоски - Филипче крај мобилната болница

ВМРО-ДПМНЕ прашува  зошто му е државно обезбедување на поранешниот министер за здравство Венко Филипче ако нема кон него безбедносни закани. 

-Добро е власта да излезе со прецизна пресметка колку ќе ги чини граѓаните безбедноста на Венко Филипче.Врз основа на кој основ му е доделено обезбедување кога веќе самиот тврди дека нема безбедносни закани.

По златните чинии кои ги набави Ковачевски, специјално нарача и ново луксузно државно возило„ Шкода Суперб“ за Зоран Заев со целосно обезбедување, државното лично обезбедување  за Венко Филипче е уште една забеганост на власта на СДСМ, оценуваат од оваа партија.

 По направена безбедносна проценка, на доскорешниот министер за здравство, Венко Филипче, му е продолжено личното обезбедување за уште шест месеци, иако повеќе не е на функција. Филипче во изјава за „Фокус“, ги демантира информациите за наводни смртни закани, кои проструија во јавноста.

„Не е вистина дека сум имал закани по живот, ниту дека сум барал обезбедување и возач. Обезбедувањето ми е продолжено според проценка на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) на уште шест месеци“, изјавил Филипче за „Фокус“.

По четири години министерски стаж, од кој половина помина во знак на справување со ковид-кризата, истакнатиот неврохирург Венко Филипче ѝ се врати на професијата, а неговото министерско место го презеде стоматологот Беким Сали од Алтернатива.