ВМРО-ДПМНЕ: Полицијата не смее да влегува во домови за да брка гости


Фото: Б. Грданоски

ВМРО-ДПМНЕ смета дека новите предлог-мерки за заштита од ширењето на Ковид-19 на Комисијата за заразни болести се неуставни, бидејќи според Уставот, полицијата може да влезе во нечиј дом само со судска одлука.

„Ако главната мерка за борба против Ковид е тоа што Спасовски ќе брои гости по домовите, освен тоа што го кршат Уставот, треба веднаш цела влада да си поднесе колективна оставка. Ако Владата на Зоран Заев на владина седница ја одобри мерката предложена од партиската здравствената комисија тогаш ќе влезе во брутално газење на Уставот, а ако ја одбие тогаш Филипче и владата треба да побараат одговорност од Комисијата и да ја разрешат, во спротивно ќе докажат дека си играат држава и целокупната криза е менаџирана од неспособни луѓе“,велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, Владата нема јасна стратегија за справување со кризата, а резултат на тоа се вчерашните 364 нови случаи на заразени во земјата.

„Кризата не ги затекна Заев и Филипче, тие знаеја дека ќе има уште пострашен удар од првиот бран, кој за жал кај нас е со продолжено траење, и не преземаа ништо во текот на летото за да ги зајакнат капацитетите на јавното здравство“, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.

Со реакција се јави и Илија Димовски: „Совет до граѓаните: Според Уставот на Република Македонија, член 26, полицијата може да влезе во вашиот дом САМО И САМО со одлука на СУД… Никако влезот не смее да биде само со налог на јавен обвинител, тоа е неуставно. Време е да се почитува Уставот, секако оваа власт и насилно обвинителство скапо ќе ја чини државата со оштети во следниот период“, напиша Димовски на Фејсбук.

 

 

 

 

Овој предлог е еден од трите кои вчера како можност ги најави Филипче како реакција на се поголемиот број на позитивни случаи на Ковид-19, а останува да се почека дали Владата ќе ја прифати предложената мерка.