ВМРО-ДПМНЕ стрела во пописот, за да ја „убие“ Владата


ВМРО-ДПМНЕ денес  во Собранието поднесе Предлог на закон за престанување на важење на Законот за попис, по итна постапка.  Иванка Василевска, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, го најави овој потег на медиумите порачувајќи дека тие како опозиција нема да гледаат немо како според нив се врши „криминален и насилнички попис“. 

– Како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ поттикнати сме од огромната поддршка од граѓаните, но и од нашата борба против ваков фингиран попис. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ апелира до сите пратеници, без разлика на која политичка партија и коалиција припаѓаат и без разлика на етничка и национална припадност, да го поддржат овој предлог закон – рече Василевска.

Таа нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ не е против попис на населението, бидејќи таква статистичка операција е многу важна и неопходна за Република Македонија, но порачува дека е и ќе биде против „фингиран и наместен попис со кој власта ќе фингира бројки кои се резултат на партиско-коалициски пазарења и договори на штета на сите граѓани на Република Македонија“.

Иако ВМРО-ДПМНЕ по улици собираше 100.000 потписи, нив очигледно нема да ги употреби, бидејќи постапката не беше според правилата пропишани со закон. Ова е втор конфузен потег на ВМРО-ДПМНЕ, кое не може да ги следи ни сопствените постапки подолго од три дена. Имено, лидерот на партијата Христијан Мицкоски ја повика дијаспората да се вклучи во актуелното попишување, но тој на крајот ќе реши дали да ги признае резултатите или не, очигледно свесен од последиците од таквото однесување врз резултатите. 

Медиумите блиски до оваа партија деновиве со сите сили се трудат да го престават пописот како неорганизиран со наводни тврдења дека е пробиена апликацијата и дека секој може од тука да се регистрира како да е во странство, иако освен ВМРО-ДПМНЕ не е јасно кој  граѓанин би имал корист од тоа. Впрегнати се бројни хакери да пронаоѓаат слабости и дупки во системот, а се користат и други начини за да се девалвира пописот. Ваквите активности на опозицијата се надополнети со бугарските притисоци врз одредени граѓани во Македонија така што Државниот завод за статистика повеќе води политичка „војна“ отколку што има време да се занимава со статистичката операција, при што станува јасно дека веќе не е во прашање само бројката на Албанците во државата (напротив со блокадата и притисокот за прекинување на пописот се влијае Македонците во дијаспората да не се попишат) туку и тој ќе се употреби за уривање на Владата. (Н.В.)