ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација за Никола Димитров


Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова на Македонија поднесоа интерпелација за работата на вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.

Антонио Милошоски образложи дека Димитров треба да замине од функцијата поради игнорирање на парламентот, откако не дојде на Комисијата за надворешна политика, каде што требаше да ги образложи владините политики за спорот со Бугарија.

Во образложението стои дека надворешната политика бележи низа неуспеси, особено со добиените блокади за европска интерграција. Првата причина е односот на вицепремиерот кон Собранието:

„И покрај уставната обврска (член 92) каде е наведено дека секој член на владата за својата работа одговара пред Собранието, како и европската демократска пракса дека секој член на владата има обврска да се одзве на поканата на работните тела на Собранието и да размени мислење, да одговори на прашања или да реферира за својата работа, вицепремиерот Никола Димитров два пати ги одби уредните покани за присуство на Комисијата за надворешна политика, а во врска со темата македонско-бугарски односи и нивниот контекст за европските интеграции. Неговото образложение дека не дошол на седниците на Комисијата од страв да не го загрози неговото здравје беа само дополнителна девалвација на пратениците како избраници на народот, а исто така и потценување на работата на сите пратеници и министри кои секојдневно учествуваат во работата на Собранието”, изјави Милошоски.