ВМРО-ДПМНЕ почна со уривање на пописот, СДСМ ги нарече „очајни“


Над 25.000 граѓани за три часа му кажаа „не“ на Зоран Заев за фалсификат попис, тврди ВМРО-ДПМНЕ почнувајќи практично кампања за бојкот на оваа статистичка операција. 

-Доколку Зоран Заев има барем малку доблест по денешната порака која му ја упатија граѓаните, ќе го повлече Законот за попис. Народот јасно кажа дека не е предмет за политички поткусурувања. Народот не е на пазар за некој со него да подмирува сметки. Тоа што Заев го договорил како коалициски договор, нека најде друг начин да си го подмири. Пописот не смее да биде политичка, туку статистичка операција, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ, нудејќи како опција да се организира електронски попис, само да не биде тоа што го предлага власта.

Според нив, само така ќе се добие реална слика за бројот на населението, густината, верската, етничката и друг вид на припадност.

-Со спроведување на електронски попис државата ќе има јасни податоци врз основа на кои ќе може да се прават среднорочни и долгорочни стратегии. Заев веднаш да се откаже од фалсификат попис, бараат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, кои ги нарекоа овие обиди „очајни“, одговорија дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со својата деструктивна и крајно неодговорна политика да работи против граѓаните и против државата.
 
-Во време кога државата, по речиси 20 години се подготвува за попис на населението, ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски се обидува да ја закочи и саботира оваа статистичка операција. Иницијативата за собирање партиски потписи против Законот за попис нема да го спречат овој процес важен за граѓаните и за иднината на државата. Овој потег на Мицкоски е само за внатрепартиска употреба и за исполнување на сопствени хирови, пишува во партиското соопштение.

 

Од СДСМ додаваат дека пописот кој ќе се одржи оваа пролет, ќе биде спроведен согласно сите меѓународни стандарди и конечно, како држава ќе имаме целосни, прецизни и релевантни податоци кои ќе послужат за креирање на издржани долгорочни политики за развој.