ВМРО-ДПМНЕ побара помош од меѓународната заедница за Изборниот законик


Игор Јанушев

Главната опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ денеска побара меѓународната заедница да се вклучи во изработката на измените на Изборниот законик и за локалните избори да се воведат машини за отепчатоци на прсти за да немало злоупотреби при гласањето. Пратеникот Игор Јанушев на прес-конференција во Собранието рече дека во изминатиот период се воделе интензивни преговори меѓу работни групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но дека владината коалиција, наводно, ја блокирала имплементацијата на законските обврски, кои се на сила повеќе од една година.

Според јанушев потврда за ова е што во Буџетот за 2021 година нема ставка за набавка на овие машини, иако тоа било вметнато во измените усвоени уште лани во февруари. И дека владината коалиција сакала гласањето да продолжи со спреј и УВ лампа.

„Дали намерата на Владата на СДСМ и ДУИ е можноста за семејно гласање и гласање на лица кои не се присутни на избирачките места во Република Македонија да продолжи, дали намерата е повторно да има ‘брзи прсти’ и ‘гласање а ла Усеин Болт’? ќе оставам граѓаните да проценат“, рече Јанушев. Тој вели дека биле „небулозни  тврдењата дека со сегашните одредби на ИЗ, МВР не смеело да ја достави базата на податоци со отпечатоци на прсти“.

Јанушев тврди дека одбивањето да се прифати електронски отшечаток на прст е бидејќи „власта на Заев подготвува кражба на изборите“.  И упати повик до меѓународната заедница:

„Упатуваме апел и до меѓународната заедница да реагира, да не седи со скрстени раце и да изврши притисок до власта за да го почитува она што е напишано во законот. Има седум месеци до изборите и доволно време за да реагира и меѓународната заедница. Одговорноста е и на меѓународниот фактор. Нема да дозволиме најкорумпираната влада во Европа да организира уште едни талибански избори“, рече Јанушев.