ВМРО-ДПМНЕ: Однесувањето на Пендаровски за проблемот со Бугарија е незрело

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска се нафрли врз претседателот на државата, Стево Пендаровски, затоа што синоќа во интервјуто за емисијат „360 степени“ на Алсат изјави дека нема намера на претстојната лидерска средба да ја стави на дневен ред Изјавата на Бугарија придодаден на едногласниот заклучок на ЕУ за почеток на преговори.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, го обвини Пендаровски дека работел координирано со СДСМ и дека тој и Зоран Заев не сакале да да се разговара „за најважното национално прашање за Македонија“.

Николоски на прес-конференција изјави: „Вчера претседателот Стево Пендаровски очигледно координиран со СДСМ соопшти дека нема намера на престојната лидерска средба да го стави на дневен ред во моментот најзначајното прашање за иднината на Македонија и Европската интеграција. Тој гласно кажа дека нема да го стави на дневен ред ова прашање, затоа што СДСМ не се слага истото да биде ставено на дневен ред. Значи, СДСМ, Заев и Пендаровски не сакаат да се разговара во моментот за најважното национално прашање за Македонија.

Ова е незрело и крајно штетно однесување што само се поткрепуваат сомневањата кои што ги имаме подолг временски период дека сето ова има некаква заднина.

Во оваа прилика повикувам Пендаровски да престане да биде гласноговорник на политиките на Заев, да се надмине себеси и да ја земе улогата којашто ја има како претседател на државата и на претстојната лидерска средба да го постави ова прашање и да се разговара и за европските интеграции на земјава од аспект на бугарскиот документ и условувањата со кои што е соочена Македонија“.

Освен прозивките кон Пендаровски, Николоски го обвини Зоран Заев дека молчел за „целиот скандал“. „Народот сака и мора да знае дали Заев се согласува со тоа дека ние говориме немакедонски јазик туку така наречена јазична норма на туѓ јазик кој би требало да се нарекува официјален јазик на Македонија, Заев треба да каже дали се согласува и со бришењето на македонскиот народ и македонската историја. Исто така треба да каже дали се слага со овие уцени кои што ѝ се наметнуваат на Македонија, најбитното треба да каже што ќе направи за ова да го спречи“, рече Александар Николоски.