ВМРО-ДПМНЕ од револуционерна стана патетична: ќе имало промени, ама не како молња туку како изгрејсонце

Премиерот Христијан Мицкоски денес преку социјалните профили се обрати лично до гласачите повикувајќи ги да излезат на изборите и да гласаат за промена, во текст кој повеќе наликува на патетика или поезија од ChatGTP, отколку што прилега на некогаш револуционерната партија.
Во пораката Мицкоски објаснува дека вистинските промени не доаѓаат како молња, туку како изгрејсонце – тивко, но неизбежно. „Прво зрак, потоа светлина, па ден. И тој ден ќе биде наш. Твојот глас е повеќе од политика. Овој избор не е партиски – тој е човечки, пишува премиерот што алудира дека треба да се изначекаме додека промените дојдат, иако за тоа добија мандат од огромно мнозинство на граѓаните, а промените се на полошо. Еве го писмото:
Драги мои,
Секој од нас има своја приказна.
Твојата почнува таму каде што чекориш секој ден – по твојата улица, низ твоето маало, во твојот град.
Таму беа првите радости и првите таги. Првите победи и првите порази.
Таму ги живееше првите подвизи и првите разочарувања.
Таму се твоите соништа, твоето семејство, твоите надежи. Твоите најважни мигови.
Секој од нас во срцето носи една тивка мапа – од улици, агли и дворови што нè изградија и ни дадоа сила.
Места каде што првпат паднавме и повторно се исправивме.
Каде што ја сретнавме првата љубов.
Каде што ја научивме најважната лекција – дека животот е борба, но и надеж.
Тоа маало, тој град, таа земја – тоа сме сите ние заедно.
Нашата историја. Нашата болка. Нашите соништа.
Знам дека понекогаш изгледа тешко.
Знам дека си се прашал – „Дали вреди?“
Но верувај – вреди. Секој твој глас, секоја твоја борба, секој твој ден е дел од големата приказна што ја пишуваме заедно.
Денес ти пишувам тебе со благодарност.
Благодарност што и кога беше најтешко, ти не ја изгуби надежта.
Благодарност што веруваш дека Македонија може повеќе.
Што веруваш дека твоето место заслужува подобро.
Што веруваш дека твоето семејство има право на сигурна иднина.
Јас сум свесен за тежината на очекувањата.
Свесен за наследените проблеми и разочарувања.
Но, верувам дека вистинските промени не доаѓаат како молња, туку како изгрејсонце – тивко, но неизбежно.
Прво зрак, потоа светлина, па ден. И тој ден ќе биде наш.
Твојот глас е повеќе од политика.
Овој избор не е партиски – тој е човечки.
Тој е за твоето маало, за твоето семејство, за твојата иднина.
Тој е избор за твојата улица, твојата градинка, твоето училиште, твојот парк.
Тоа е избор дали ќе останеме исправени и ќе одиме напред, или ќе дозволиме да нè вратат назад – таму каде што се губеше надежта, а се рушеше довербата.
Знам што значи да имаш свој човек.
Тоа е оној што не те остава сам.
Човек на кого можеш да се потпреш.
Човек што знае дека да бидеш човек значи да бидеш од корист за другите.
Тоа е твојот човек.
Драги мои,
Ова не е само политичка промена. Ова е промена на животите, на надежта, на нашата заедничка иднина.
И кога ќе се прашаш – „Дали имам свој човек?“, сакам да знаеш: Имаш.
И кога ќе се прашаш – „Дали моето место има иднина?“, сакам да знаеш: Има.
И кога ќе се прашаш – „Дали оваа земја има време?“, сакам да знаеш: Времето на Македонија допрва доаѓа.
Тоа е времето кога секој од нас ќе каже: „Да, вредеше.“
Вредеше затоа што имав свој човек.
Вредеше затоа што моето место продолжи да расте.
Вредеше затоа што имам иднина – тука, во мојата земја.
Ве повикувам, како ваш сосед, пријател и сограѓанин:
излезете на овие избори со надеж, оптимизам и со непоколеблива волја.
Бидете силата на промените и иднината.
Направете го вистинскиот избор.
Со твојот човек. За твоето место. За твојата иднина.
Со верба, љубов и надеж,
Христијан Мицкоски