ВМРО-ДПМНЕ очекува нова лидерска средба


Откако двете ривалски партии од македонскиот политички блок претходниве денови се оддалечуваа сѐ повеќе околу датумот за одржување на изборите, денеска некои работи почнаа да се омекнуваат. ВМРО-ДПМНЕ преку генералниот секретар Игор Јанушев порача дека очекува нова нова лидерска средба.

Во разговор за Канал 5 Јанушев изјави дека датумот што го поставил Зоран Заев на последната средба на лидерите – 21 јуни, е нереален и дека тоа личи на ултиматум, но се надева дека може да се дојде до консезус „Јасно е дека треба да има консензус и очекувам дека ќе има повторно лидерска средба. Не може Заев да поставува ултиматуми и да прави што сака“, рече Јанушев.

Но сега го нема партиското инсистирање за избори на крајот на август или почетокот на септември. Јанушев уште додаде: „Доколку од СДСМ сметаат дека тоа може Владата да го направи сама со уредба со законска сила и ако прават манипулации не верувам дека ќе го постигнат тоа“.

И претседателот на СДСМ, Зоран Заев, вечерва навести дека е можна нова лидерска средба на којашто може да се стигне до консезус: „Теоретски можеме да се договориме додека трае вонредната состојба. Треба до крајот на оваа седмица или на почетокот на наредната недела евентуално да се утврди датумот. Ако чекаме до 30 мај е доцна. Мора да водиме грижа и за сите други аспекти. Јас стојам на располагање, сакаме да разговараме, но притоа не смееме да ѝ нанесеме штета на државата и да ја доведеме земјата во уставна криза“, рече Заев во интервју за штипската телевизија Стар. (Н.В.)