ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека струмичка агенција добила над 20 милиони евра од тендери


Омилената агенција за обезбедување на власта со газда струмичанец, покрај од универзалниот снабдувач со електрична енергија, добива тендери со вртоглави суми и од други државни институции и општини каде што СДСМ и Заеви се на власт. На листата се СОЗР, град Скопје, општина Аеродром, општина Ѓорче Петров, СЦ Борис Трајковски, Катастар…, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

„Струмичките пипци стигаат и до СОЗР, со која на 3.10.2018 година склучиле договор за обезбедување од 3 милиони евра, што е втор поединечен најголем договор на оваа агенција после договорите со универзалниот снабдувач.И дали и СОЗР плаќа повеќе од вообичаено, исто како и универзалниот снабдувач кој од годинава плаќа двојно повеќе за обезбедување од лани, и доколку да, дали разликата во профитот завршува кај Заеви?

 

На 1 август 2019 година агенцијата за обезбедување од Струмица склучила договор за обезбедување со град Скопје во висина од над 200 илјади евра.Дали и општините Аеродром и Ѓорче Петров оделе по принципот да се избере омилената агенција за обезбедување на Заеви? Истите склучиле договори во вкупна вредност од 300 илјади евра. Истите општини се јавуваат како корисници на услугите на оваа агенција и во 2018 година, кога искеширале над 250 илјади евра.

Трката за профит очигледно ги натерала функционерите од СДСМ и Заеви да одат и со абнормални решенија, помалку чудни, па така СЦ Борис Трајковски, кој патем има сопствена чуварска служба, склучила договор за обезбедување на 10.7.2018 година во висина од 10 илјади евра. Неверојатно е зошто склучиле договор кога имаат сопствена чуварска служба.

Голема сума на пари односно скоро 50 илјади евра плаќа и Агенцијата за катастар и недвижности, кои договорот со оваа агенција го склучуваат на 12.12.2019 година.

Како токму агенцијата за обезбедување од Струмица, покрај стотина други агенции низ државата, се разработува кога станува збор за државни тендери и станува еден од најголемите добитници на државни тендери од областа за обезбедувањето и тоа  за само две години свртува над 21 милион евра, пари за кои директно има сомневање дека влијаеле за доделување директно семејството Заеви и СДСМ, прашува Арсовски.