ВМРО-ДПМНЕ нема кандидат за Гостивар, но ја нападна Левица дека има
Димитар Апасиев бил најголем штетник за етничките Македонци затоа што Левица имала кандидати во Гостивар, Тетово и Струга

Има многу гротескни настани во кампањата за локалните избори. Еден од најгротескните се случи денеска во Гостивар кога пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, го обвини лидерот на на Левица, Димитар Апасиев, дека одработувал за туѓи агенди затоа што партијата имала свој кандидат за градоначалник за Гостивар.
Карванот на ВМРО-ДПМНЕ вечерва беше во Гостивар, каде водеше кампања за советничката листа на коалицијата, затоа што нема свој кандидат за градоначалник. Вмровските претставници не објаснија зошто партијата за прв пат досега се одлучила да нема свој кандидат за градоначалник (како посредна поддршка за кандидатот на коалицискиот партнер „Вреди“), но затоа го обвинија Апасиев дека бил „најголемиот штетник за етничките Македонци“.
Што рече Стојаноска:
„Види мајката, опасни политичари, кандидирале градоначалници токму во Тетово, Гостивар и Струга, кај што ќе се бие битката меѓу партиите на етничките Албанци. Зашто, кај битката меѓу партиите на етничките Македонци – ВМРО е многу на малку, па Димче нема есап да се појави. И цело време го напаѓаат само ВМРО, дури и името ќе ни го забранеле кога тие ќе дошле на власт, значи на Свети Никогаш. Димче, од авион се гледа дека овојпат одработуваш за стопанот Али. Овојпат тој те платил најдобро и сега те поседува. Ти си најголемиот штетник за етничките Македонци, особено во Западна Македонија, и тоа во корист само на Али. Морав да го кажам ова за нив – за гостиварци да знаат дека Димче не е патриот, туку е платеник кој одработува туѓи агенди. Одработува за Али и гласот за Димче во Гостивар е глас за Али“.
Кандидат на левица за градоначалник на Гостивар е Дарко Грујоски.
Ни лидерот на партијата, Христијан Мицкоски не зборуваше зошто партијата нема кандидат за градоначалник на Гостивар, туку само советничка листа и побара од гостиварци да гласаат за неа. Тој повторно се наврати на главната тема од нивната кампања последниве денови – одговорот на Зоран Заев на обвинувањата на Мивкоски дека наводно пренесувал куфери со пари во Бугарија. Тој го повика Венко Филипче да каже што мисли за Зоран Заев.
„Од причина што се срами да каже, и затоа што е лицемерен и едно зборува во јавноста, додека истовремено глуми и одработува и кова заеднички планови со него, го повикувам Филипче да каже јавно што мисли за неговиот ментор и гуру, дали бил добар претседател на Владата и дали тој направил добро за Македонија“.