(Видео) Политичарите нема да избираат јавен обвинител


Вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски објави денес дека Македонија напредувала еден чекор погоре во рангирањето на европското антикорупциско тело ГРЕКО и дека не е веќе во групата на глобално незадоволителни држави од аспект на тоа како се справуваат со корупцијата.

Од сите 19 досегашни препораки за Македонија, ГРЕКО, според Николовски, констатирало дека немаме исполнето само две. Позитивно сме биле притоа оценети за носењето на етичкиот кодекс за пратеници, за регулативата за примање подароци и за санкциите за пратеници кои не ги  почитуваат правилата во кодексот. ГРЕКО позитивно го оценила и  новиот закон за спречување на корупција и конфликт на интереси и нотира дека законот предвидува едноставна електронска пријава, но се нотираат и слабости во механизмите на државата за проверка на самите изјави. ГРЕКО ја поздравило и регулативата со која ДКСК  може да бара конкретни податоци од институциите за сите случаи на корупција што ги испиутва.

-Новата влада е цврсто решена да се спротивстави на криминалот и корупцијата заеднички со сите институции и со вклученост на невладиниот сектор, експертската фела, бизнис заедницата и други. Редот правдата и законот мора да важат за сите поеднакво и без компромис, повтори Николоски.

Министерот Бојан Маричиќ рече дека последниот извештај на ГРЕКО, што бил усвоен  вчера, јасно ја препознал фокусираната активност на Владата. Извештајот, рече тој, оценува  дека Македонија бележи напредок и не е веќе во групата земји што не ги почитуваат правилата.

-Досега оценката беше генерално незадоволителна, а  сега се искачи на задоволителна, нагласи Маричиќ.

Тој ги наброја резултатите што се оценети позитивно во делот на правдата, а меѓу нив дека во последните два мандати министерот за правда не присуствува на седниците  на Судскиот совет и неговото право на глас му е одземено, иако за оваа практика потребно е да се направат промени и во Уставот. Исто така, како позитивно е оценето тоа што е усвоен кодекс за судска етика, а особено одредбите за примање подароци и услуги, нов единствен етички кодекс за јавните обвинутели, нов Закон за Јавното обвинителство, редуцирањето на можностите за отпуштање и повикување на дисциплинска дговорност на судиите и на обвинителите што беше видено од ГРЕКО како механизам за постојан притисок врз нив.

-Со овој ивештај на ГРЕКО Македониа  е чекор поблиску до ЕУ, порача Маричиќ на прес конференцијата.

Тој напомена исто така дека во новите препораки на ГРЕКО, вкупно 29, меѓудругото се бара обезбедување механизам за длабоинско следење на имотната состојба на судиите и јавните обвинители и  донесување на закон за лобирање кој е во завршна фаза.

Околу барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски државниот јавен обвинител да го предлага опозицијата , Маричиќ одговори дека тоа била нивна стара  идеја промовирана пред неколку години, но за жал опозицијата имала неконструктивен пристап при усвојувањето на Законот за јавното обвинителство, така што принцип на Владата сега е дека судството и обвинителството треба да бидат што подалеку од влијанието на политика. Уште повеќе, за да се промени процедурата за избор на државен јавен обвинител  треба да се промени Уставот, а сега, рече Маричиќ, немаме време за тоа, додавајќи дека опозицијата може да учествува во новите антикорупциски политики што се спроведуваат во државата.

– Имавме прилика кога се создаваше Законот за јавно обвинителство, да најдеме заедничко решение за обвинителот за гонење на висока корупција и организиран криминал, но и тогаш не се договоривме. Нашиот принцип е политиката да биде што подалеку од изборот на обвинителите и тоа го утврдивме во Законот за јавно обвинителство. Јавниот обвинител се избира според процедура утврдена во Уставот. За да се промени таа процедура треба промена на Уставот. Сметам дека сега не е време за тоа. Имаме професионален државен јавен обвинител којшто си ја врши својата работа согласно законот. Опозицијата ќе има прилика да учествува во спроведување на атикорипциските политики доколку тоа го сака. Но политичарите не треба да бираат обвинители со политички договор – рече Маричиќ.

Тој нагласи дека не веруваат  дека е добар начин на избор на обвинител со политички договор на партиите и дека сме имале веќе  еден таков пример со изборот на специјалниот јавен обвинител, кој опозицијата подоцна го критикуваше.

Тој најави донесување на Закон за вонредна состојба  поучени од сите недоречености што дојдоа до израз изминатите месеци. За законот Владата ќе се консултира со  Уставниот суд и сите пратенички групи и  со претседателот на државата.