ВМРО-ДПМНЕ не успеа да го „одбрани“ Тевдовски од СДСМ
Во знак на мошне гласна опозициска одбрана на разрешениот министер за финансии Драган Тевдовски и на заменик-министерот за образование Петар Атанасов, кој поднесе оставка, помина добар дел од собраниската расправа во изминатите два дена за реконструкцијата што ја предложи премиерот Зоран Заев. Главно поекспонираните и поискусни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ влегоа во „заштита“ на досегашните членови на Владата чии политики до скоро силно ги критикуваа, како што и тие додека беа опозиционери неретко мошне критички ги опсервираа политиките на владата на ВМРО-ДПМНЕ.
Посебно се глорифицираше потегот на Атанасов, иако неговата оставка не беше на дневен ред на оваа седница, туку останува да биде констатирана на наредната седница ако дотогаш стигне во парламентот. Без соодветна одбрана, сепак, останаа контроверзниот Хазби Лика, кој и официјално замина од вицепремиерското место во Секретаријатот за Рамковен договор, како и Сухејл Фазлиу, кој е разрешен од министерската позиција во локална самоуправа, по што оставка од пратеничкото место најави Весел Мемеди од НДП, најавувајќи излегување од владејачката коалиција. За овој потег, лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, кој во времето додека беше во власта беше и предизборна коалиција со НДП, прокоментира дека е исправена неправдата кон неговата партија, затоа што ако Мемеди си поднесе оставка влегува кандидатка од Алијансата.
Преместувањето на Садула Дураки од ДУИ од екологија во новото Министерство за политички систем, и покрај неговиот мошне скромен учинок како член на Владата во изминатите две години, дополнително ги охрабри пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на цел глас да ги критикуваат кадровските политики на премиерот. Според опозициската партија, се разрешуваат ефикасни министри, а остануваат министри што не покажале резултати. Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека, всушност, требало да бидат Дураки, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, бидејќи уште лани не издејствувал датум за преговори со ЕУ и министерот за образование Арбер Адеми. Според Влатко Ѓорчев, се отстрануваат луѓе кои се неистомисленици на премиерот.
„За Тевдовски може кој било што сака да каже, но сите знаеме дека е чесен. Не се согласувам со неговите политики и неговиот концепт, но во оваа влада има барем 10-15 министри на кои треба да им се побара оставка, наместо целата оваа метла да се сведе на тоа Тевдовски да го изгуби ресорот“, рече Ѓорчев.
ВМРО-ДПМНЕ, како опозиција, во изминатите две години мошне често ги критикуваше политиките на Владата во делот на финансиите и економијата, не штедејќи го притоа ни Тевдовски. На почетокот на мандатот на Владата, на пример, ВМРО-ДПМНЕ поднесе и интерпелација за работата на Тевдовски, со образложение дека за само 70 дена министерување успеал да го задолжи секој граѓанин во земјава со по 50 евра.
„Единствено за што се грижи министерот за кратење и задолжување, е обезбедување средства со кои наголемо се спроведуваат партиските вработувања во државните и јавните институции додека потребите на граѓаните воопшто не се ни разгледуваат“, зборуваше тогаш Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ, која е претседателка на собраниската Комисија и буџет.
Од друга страна, Атанасов, како опозиционер и претседател на Комисијата на СДСМ за образование, до пред две години често ги критикуваше образовните политики на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ.
„Образованието во Македонија е во катастрофална состојба. Владата и министрите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ носеа лоши закони, остваруваа погрешни цели и трошеа многу пари на промашени проекти. Ја понижија просветата, особено со екстерното тестирање, кое ќе биде укинато“, констатираше Атанасов пред смената на власта во 2017 година.
Но, и покрај силната одбрана на дел од членовите на владата што заминуваат на „Илинденска“, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во средата не гласаа „против“ предлогот на Заев за разрешување на Тевдовски. Така, досегашниот министер за финансии замина од функцијата „благодарение“ на 64 гласа „за“ од пратеници на СДСМ, ДУИ и на помалите партии од владејачката коалиција и ниту еден глас „против“ или „воздржан“. Со ист таков скор од владата е „отпишан“ и Лика, додека за разрешување на Фазлиу „за“ гласаа 65 пратеници, а своевидно изненадување е дека „против“ во овој случај бил само пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.
Тој вчера, во расправата за именување нови членови на Владата, настапи со сомневање дека Тевдовски е сменет бидејќи не сакал да потпише заем за новиот Клинички центар. На тоа реагираше Заев отфрлајќи ги ваквите информации. Премиерот посочи дека Тевдовски секогаш бил за нов Клинички центар и оти за тоа јавно говорел.
Димовски го праша премиерот која е гаранцијата дека луѓето што ги предлага ќе бидат подобри од досегашните министри. Заев одговори дека победата што ќе ја извојува СДСМ на следните избори ќе биде најдобра потврда дека новите кадровски решенија биле успешни. Пратениците од опозицијата критикуваа дека предложените министри не влеваат надеж дека ќе бидат подобри од претходните. Според нив, сменети се министри кои според перцепцијата на народот биле најдобри, а останати се оние министри кои се најлошо оценети од граѓаните. Прашаа зошто не се сменети министрите за внатрешни работи, за одбрана, за надворешни работи….
„Во Владата останаа клучните министри за тендери и скандали“, рече координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
На почетокот на вчерашното продолжение на седницата за реконструкцијата Заев ги образложи своите предлози за нови министри: Трајан Димковски во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство; Горан Милевски во локална самоуправа; Хусни Исмаили во култура; Насер Нуредини во животна средина и просторно планирање и Садула Дураки во Министерството за политички систем и односи помеѓу заедниците.
За Димковски Заев посочи дека е од Министерството и дека ќе ги продолжи земјоделските политики што даваат резултати. Дека ќе биде и натаму посветен на успешното субвенционирање, но и на пласманот. За Милевски, премиерот објасни дека ќе биде посветен на следната фаза на децентрализацијата во делот на трансферот нови надлежности од централната на локалната власт, како и поголеми буџетски средства. За Исмаили, нагласи дека доаѓа од медицината, но е општественик и активист во културата, борец за подобрување на културниот амбиент и надвор од националните институции. За Нуредини, претседателот на Владата, рече дека е високо едуциран во корпоративното работење, бизнисот и т. н „зелена“ економија, која дава резултати во регионот и во Европа. И за Дураки, претседателот на Владата објасни дека ќе раководи со новото Министерство, формирано со цел формалното заокружување на правниот аспект на Рамковниот договор. Заев изрази уверување дека согласно со политичката позиција што ја има Дураки, како единствен член на највисокото раководство на ДУИ, ќе преземе сериозно споделување на одговорностите за градење „едно општество за сите“.
Александра М. Митевска