ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од ветувањата за раст од најмалку 4 отсто, пораст на платите за 25 отсто, 4 милијарди евра странски инвестиции…


Корона кризата не ги намали ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ – во економската програма што ја претстави денес во Битола на веќе познатите најави за економски раст од најмалку 4 до 5 отсто годишно, зголемување на платите за 25 отсто во текот на четиригодишниот мандат, 4 милијарди вера странски директни инвестиции, рамен данок од 9, па на 8 отсто, додаде и некои нови, како бонуси за здравствените работници ангажирани во борбата против КОВИД-19, но и на сите припадници на МВР, ослободување од обврската за враќање на добиената помош на фирмите за исплата на плати во текот на корона кризата, и сл. За земјоделството се најавуваат 640 милиони евра субвенции.

Ова е само дел од партиската програма „Обнова на Македонија“ во која се набележани над 1.000 проекти и која денес пред битолчани ја претставија лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, членот на Извршниот комитет на партијата, Трајко Славески и стратешкиот соработник на претседателот на партијата и некогашен кандидат за претседател на државата, Сашко Кедев.

За првите 100 дена од дејствувањето на новата Влада, ВМРО-ДПМНЕ подготви посебна стратегија за справување со здравствената и економската криза, која е издвоена од изборната програма.

„Главниот фокус на обновата се економијата, претприемништвото, поддршка за бизнисот, а целта е едноставна – повеќе пари за секого. Нам не ни се потребни мали придвижувања, туку големи чекори напред и големи победи“, рече Мицкоски додавајќи дека затоа е обврската за раст на БДП од најмалку 4 отсто секоја година, невработеност под 10 отсто, повисоки плати за најмалку 25 отсто, најниски даноци во Европа од 8 отсто, воведување на реиндустријализацијата….

„Македонската економија може да ја направиме прва на Балканот“, рече Мицкоски презентирајќи повеќе ветувања, како зголемување на студентскиот стандард, усогласување на платите на наставниците и професорите со Колективниот договор во образованието, што според Мицкоскки ќе овозможи платите на просветните работници во основното и средното образование да достигнат 36 илјади денари, а на оние во високото до 100 илјади денари. Без да елаборира како ќе ја склопи финансиската конструкција за бројнитте ветувања, Мицкоски исто така рече дека за земјоделците ќе обезбедат најмалку 640 милиони евра субвенции во еден мандат и сигурен откуп, покривање на најмалку 50 отсто од трошоците за механизација и насад… Зборувајќи за Битола, тој исто така вети изградба на автопат до Скопје преку Прилеп и Велес, гасификација, бесплатен приклучок за секое семејство, ревитализација и модернизација на РЕК „Битола“, и тн.

Зборувајќи за економскиот дел од програмата на партијата, Трајко Славески рече дека таа се темели на четири столба – првиот се однесува на ефикасна држава и силни институции, вториот на конкурентен приватен сектор, третиот на интегрирана, стабилна и безбедна земја, и четвртиот подобри услови на животот на граѓаните.

„Програмата е плод на тригодишна работа на тим од неколку стотици професионалци од разни области, на предлозите на граѓаните, странски експерти и други членови и граѓани“, рече Славески.

Славески рече дека не отстапуваат од политиката за ниски даночни стапки и рамен данок , па така, од почетокот на 2021 година тој ќе изнесува 9 отсто, а од почетокот на 2022 година 8 отсто. Зборувајќи за зголемувањето на платите Славески рече дека тоа ќе се темели на системско зголемување на продуктивноста, а не вештачко, но не објасни како продуктивноста ќе се зголеми до крајот на оваа година со цел платите да се зголемат за 5 отсто веќе во почетокот на 2021 година.

Тој исто така рече дека ќе се врати стариот модел за прилагодување на пензиите што значи дека 50 отсто ќе зависи од зголемување на цените на мало и 50 отсто од растот на платите.

Некои од проектите поради актуелната состојба се ревидирани или пак е одложен стартот на нивната примена. Славески исто така ја презентираше преодната стратегија за првите 100 дена од функционирање на владата која се темели на три приоритети – превенирање и заштита на здравјето на граѓаните, финансиска консолидација на државата и зајакнување на нејзините економски фундаменти.

Славески рече дека сите здравстевни работници вклучени во борбата против КОВИД-19 во октомври ќе добијат дополнителни 50 отсто од личниот доход, а дополнително, вработените на Инфективната клиника и на ГОБ „8 Септември“, ќе добијат уште една плата како бонус. Сите вработени во МВР, пак, како награда за својот труд во октомври ќе добијат по 20 илјади денари, дополни Славески.

За консолидирање на јавните финансии ќе се направи итен ребаланс на Буџетот, а ќе се разгледа можноста за натамошно одложување на кредитните обврски на оние граѓани на кои тоа им е потребно, како и покривање на дел од трошоците за камата на најзагрозените граѓани до крајот на годинава.

Зголемување на помошта за граѓаните и за фирмите, покривање на трошоците за образование на учениците и студентите, поддршка на претпријатијата со тоа што нема да се враќаат искористените средства за исплата на плати што беа доделени изминативе месеци, продолжување на помошта за платите за јуни и јули со можност тоа да се направи и за август и помало ДДВ (од 18 на 10 отсто) за угостителите за услуги за послужување на храна и пијалоци до крајот на 2021 година.

„На македонското здравство му се потребни коренити промени“, рече Кедев, заложувајќи се за зајакнување на јавното здравство и за зголемување на довербата во здравствениот систем во целина. Тој рече дека сегашната состојба е резултат на неконзистентните здравствени политики, а проблемите кои се јавуваат во овој сектор имаат влијание и врз економијата и врз другите сегменти во општеството. (М.Ј.)