ВМРО-ДПМНЕ не дава две третини од амбасадорите да бидат професионалци

Собраниската Комисија за надворешна политика и надворешна трговија, денеска даде поддршка за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за надворешни работи, во второ читање.
За Предлог законот беше поднесен еден амандман, од пратеничката Моника Зајкова од ЛДП, којшто не беше прифатен од мнозинството во Комисијата. Со амандманот пратеничката бара амбасадорот кој се именува од составот на дипломатско-конзуларните службеници да има дипломатско звање најмалку министер советник, како и најмалку две третини од вкупниот број на амбасадори да се именуваат од составот на дипломатско – конзуларните службеници со највисоки дипломатски звања во Министерството.
Со предлогот се предвидуваат измени во делот на инвестициите и надворешната трговија, што произлегуваат од потребата за усогласување со Законот за организација и работа на органите на државната управа. Со промените во Закон за надворешни работи, треба да се овозможи Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР НТ) да ги преземе новите надлежности во делот на креирањето политики за трговија и инвестиции, како и поедноставна транзиција за вработените кои ќе преминат од Министерството за економија и труд во МНР НТ.
Се предлага да се зголеми процентот на именуваните амбасадори од редот на професионалните дипломати на МНР и наместо една третина како досега, да изнесува најмалку една половина. Исто така мандатот на дипломатите да биде до четири години, наместо досегашните три години. Со новото законско решение се предвидува и минимална корекција на коефициентите за плата и трошоците за живот на дипломатите во странство, а министерот, врз основа на препорака на Владата, ќе може да назначи специјален претставник за посебни потреби и од интерес на државата.
Членовите на Комисијата дадоа согласност и за ратификациите на Протоколот за изменување и дополнување на Конвенцијата за кривичните дела и некои други акти извршени во воздухоплови, на Протоколот за дополнување на Конвенцијата за сузбивање на незаконито грабнување на воздухоплови, на Конвенција за спречување на незаконски дејствија поврзани со меѓународното цивилно воздухопловство, на Факултативниот протокол на Конвенцијата за правата на детето за постапка по претставки и на измената на Конвенцијата за оцена на влијанието врз животната средина во прекуграничен контекст усвоен во Софија, на 27 февруари 2001 година и втората измена на Конвенцијата за оцена на влијанието врз животната средина во прекуграничен контекст усвоен во Цавтат, на 4 јуни 2004 година.