ВМРО-ДПМНЕ најавува промени во Законот за тутун

Дополнителниот заменик-министер за земјоделство Цветан Трипуновски денеска имал средби со жители и пазарџии во општина Кривогаштани на кои, како што соопшти, им рекол дека идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ во првите 100 дена ќе направи корекција на закон за тутун се со цел да го заштити домашното производство.

„Сите заостанати обврски коишто не се исплатени, а требаше да ги исплати владата на СДСМ во наредниот период ќе бидат приоритет за да стигнат до крајниот корисник односно секој земјоделец“, наведува Трипуновски.

Тој исто така вели дека субвенциите ќе продолжат да ги исплаќаат, односно 160 милиони евра годишно со цел да се компензираат одредени губитоци и трошоци кои што ги имаат во производството.

-Исто така ветуваме и се обврзуваме дека ќе инвестираме околу 80 милиони евра во делот на водостопанството односно 20 милиони евра на годишно ниво се со цел да стопираме одредени негативни тенденции во земјоделското производство затоа што  без систем за наводнување, без вода по полињата не може да зборуваме за рентабилно производство, наведува Трипуновски.

Во однос на откупот на пченицата, за што бил прашан на средбите во Кривогаштани, тој вели дека се уште нема дефинирано цена.

-Недозволиво е земјоделците да ја предаваат пченицата без да знаат по која цена ќе биде платена. Тоа нас ни е стратешка култура, тука треба да има сериозен фокус. По промената на власта и во овој сегмент ќе интервенираме сериозно за да имаме рентабилна цена на пченицата како наша стратешка култура, додаде Трипуновски.