ВМРО-ДПМНЕ на протест побара да се врати старата цена на струјата


Фото: Б. Грданоски

Враќање на старата цена на струјата, неделен викенд без ДДВ и професионализација на Регулаторната комисија за енергетика, се трите барања кои ги изнесе лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот протест од пред Регулаторната комисија за енергетика.

„Богати мафијаши во владата, а сиромашен народ. Тоа е реалноста во нашата Македонија. Кога неправдата станува закон во оваа наша држава, тогаш протестот и пркосот е наша обврска. Мафија или Македонија, изборот е јасен – Македонија“, порача Мицкоски.

Како директно одговорен за покачувањето на цената на електричната енергија, Мицкоски го  посочи првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, за кого рече дека ѝ слугува на власта.

„Овој човек е независниот регулатор. Прославува во седиштето на СДСМ, а потоа ја кодоши државата, опозицијата и сопствениот народ во Европската енергетска заедница. Ова е човекот кој потпиша зголемување на цената на електричната енергија за 7,5 проценти. Ова е човекот кој брцна во џебот на овој осиромашен народ. Ова е слугата на мафијата и се вика Марко Бислимоски“, изјави Мицкоски.

Фото: Б. Грданоски

Лидерот на најголемата опозициска партија, Мицкоски најави дека отпорот и протестите ќе продолжат се додека мафијата на власт не биде детронизирана.

„Ова е прв од серијата протести кои треба да го покажат и докажат гневот насобран во народот поради неправата која се случуваше изминатите месеци. Украдените и поткупени избори од мафијата на власт. Ова ќе биде прв од серијата протести против неправдите на мафијата“, изјави Мицкоски.

Денешниот протест против поскапувањето на струјата почна од пред Министерството за правда, од каде со паролата „Скапа струја, сиромашен народ“ се упати кон седиштето на Регулаторната комисија за енергетика.